Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) изразија сериозна загриженост по информациите за можни случаи на незаконско следење новинари и медиумски работници во периодот 2019–2024 година. Двете организации потсетија дека Европскиот акт за слобода на медиумите (EMFA) строго го забранува ваквиот тип практики и предвидува заштита од државите членки и земјите кандидати.

Од ЗНМ и ССНМ порачаа дека незаконското следење претставува закана за слободата на медиумите и довербата во институциите, барајќи Обвинителството и судството итно да реагираат и да обезбедат транспарентност и отчетност. Тие апелираа и политичките партии да се воздржат од пресметки во кои се користат имињата на новинари, бидејќи тоа може да предизвика дополнителна поларизација и говор на омраза.

Организациите потсетија дека масовното незаконско прислушување од 2015 година сè уште нема добиено судска разрешница, иако беа следени комуникациите на илјадници граѓани, меѓу кои и новинари. „Речиси десет години подоцна, дел од постапките се одолжуваат или завршуваат без правосилни пресуди“, наведуваат од ЗНМ и ССНМ, додавајќи дека ќе обезбедат правна помош за сите оштетени новинари и дека случајот ќе биде проследен и до Европската федерација на новинарите (EFJ).