Бугарија нема да даде безусловна поддршка за евроинтеграциите на ниту една земја кандидат.
Ова на прес-конференција го изјави министерката за надворешни работи Велислава Петрова како одговор на прашање за состојбата на бугарската заедница во западните покраини (како што ги нарекуваат деловите во соседна Србија н.з.).
Таа нагласи дека сите земји кои сакаат да станат дел од ЕУ мора да ги исполнат своите обврски, вклучително и оние поврзани со добрососедските односи. „Бугарија никогаш немала, а секако и под актуелната влада не е во позиција безусловно да поддржи ниту една земја“, рече Петрова, цитирана од Нова ТВ.
Таа посочи дека термините се јасно дефинирани во преговарачката рамка и важат без разлика на политичкото владеење во соодветните земји. Според неа, Бугарија ќе продолжи да инсистира на нивната усогласеност и од Србија и од Република Македонија .
Велислава Петрова рече и дека европските партнери веќе добро ја знаат бугарската позиција во однос на Скопје и се помалку го поставуваат тоа прашање во разговорите со Македонија. Таа додаде дека кога се уште се разговара на темата, интересот на нејзините европски колеги главно е насочен кон тоа дали има напредок во спроведувањето на веќе преземените обврски од Скопје.
Таа истакна дека Бугарија ја поддржува европската перспектива на Македонија и е заинтересирана земјата да напредува на патот кон членство во ЕУ, што ќе придонесе и за подобрување на состојбата на Бугарите таму.
Петрова посочи дека, според Бугарија, сепак, недостига потребната активност од страна на Скопје за исполнување на договорите. Таа нагласи дека Македонија ризикува да го пропушти поволниот момент за проширување на Европската унија.
Шефицата на бугарската дипломатија истакна дека Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина, на пример, го користат сегашниот моментум за да ја унапредат својата европска интеграција.
Велислава Петрова изрази надеж дека во Република Македонија ќе се најде потребната политичка волја за исполнување на преземените обврски и продолжување на преговарачкиот процес.