Регион

Бугарија официјално во Еврозоната: Еврото го замени левот

Бугарија од денеска официјално стана 21-ва членка на Еврозоната, со што еврото ја замени националната валута – бугарскиот лев.

Бугарија од денеска официјално стана 21-ва членка на Еврозоната, со што еврото ја замени националната валута – бугарскиот лев.

Иако еврото од денеска е во официјална употреба, до 31 јануари 2026 година во промет паралелно ќе може да се користи и левот. При плаќања во левови, кусурот ќе се враќа во евра. Левовите во готово ќе може да се менуваат за евра во комерцијални банки, пошти или Бугарската народна банка.

Од денеска 96 отсто од банкоматите во Бугарија издаваат само евробанкноти, а преостанатите ќе го направат тоа во рок од две недели.

Започна и преоден период до 8 август 2026 година, во кој цените во продавниците ќе бидат прикажани и во левови и во евра, со цел да се спречи неоправдано зголемување на цените и да се намали загриженоста на потрошувачите.

Европската комисија го оцени приклучувањето на Бугарија кон Еврозоната како важна пресвртница за земјата, за историјата на еврото и за ЕУ како целина.

„Еврото ќе донесе практични придобивки за бугарските граѓани и бизниси. Ќе го олесни патувањето и живеењето во странство, ќе ја зголеми транспарентноста и конкурентноста на пазарите и ќе ја олесни трговијата. Банкнотите и монетите во евра за сите Бугари ќе станат опиплив симбол на слободата, удобноста и можностите што ЕУ им ги овозможува на своите граѓани“ – порача Европската комисија.

Претседателката Урсула фон дер Лајен оцени дека ова е едно од најголемите достигнувања на Европската Унија.

„Оваа пресвртница одразува години напорна работа и посветеност на надминување на предизвиците. Еврото ќе донесе придобивки за бугарскиот народ, полесни плаќања и патувања. Ќе донесе нови можности за бугарските бизниси, овозможувајќи им подобро да ги искористат предностите на нашиот заеднички единствен пазар. Дополнително ќе го зајакне гласот на Бугарија во Европа. Овој чекор е добар за Бугарија и ја зајакнува Европа како целина“ – нагласи Фон дер Лајен.

Одлуката за прием на Бугарија во Еврозоната ја донесе Советот на ЕУ на 8 јули 2025 година, со фиксен курс од 1,95583 лева за едно евро.

Со приклучувањето на Бугарија, бројот на Европејци кои ја користат еврото се искачи на 356 милиони, а Еврозоната географски првпат се прошири до бреговите на Црното Море.

Дел од Бугарите, особено во помалите градови и селата, стравуваат од раст на цените и пад на куповната моќ. Анкетите покажуваат поделба: 51 отсто „за“, 45 отсто „против“ приемот во Еврозоната.

Аналитичарите очекуваат скромен инфлациски ефект (0,2–0,4 отсто), но сметаат дека еврото ќе ја направи Бугарија попривлечна за инвеститори и ќе ја зајакне нејзината западна ориентација.

Во ЕУ, еврото сè уште не го користат Полска, Романија, Унгарија, Чешка, Шведска и Данска (со трајно изземање).

Најнови вести од: Регион

Грчките археолози не го даваат „за џабе“ Самоил на Бугарија

Претседателот на Здружението на грчки археолози, Јанис Карлиампас, вели дека „ова е… еднострана размена, а реликвиите што треба да ги добиеме назад (од Бугарија) се резултат на грабеж и мора да бидат вратени во целост…

„Политико“: Брисел му нуди на Скопје „добредодојдовте во чекалницата!“, но Муцунски бара „многу понапредна позиција отколку сега“!

„Од Брисел порака: ‘Добредојдовте во чекалната’! Тоа ги вклучува Косово и Македонија, обете на распоредот на Урсула фон дер Лаен , заедно со фаворитите Албанија и Црна Гора. По ова предизвикот за Лаен е да ги убеди дека Брисел не создава кандидати за ЕУ втор ред.“ – објави денес европскиот аналитички магазин „Политико“ во својата анализа со наслов „Западниот Балкан надежно ги застапува своите ставови“. Од друга страна, информативната агенција „Нетпрес“ јавува дека „ЕУ нуди ограничен пристап до заедничкиот пазар на земјите-кандидатки, ако се против Русија и Кина“!

To top