Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи денеска во Хаг треба да ја слушнат првостепената пресуда во еден од најважните судски процеси поврзани со војната во Косово. Обвинителството бара казни од по 45 години затвор, додека четворицата поранешни високи функционери на Ослободителната војска на Косово ги отфрлаат сите обвиненија. Специјализираните совети на Косово го закажаа изрекувањето за денеска, 16 септември, во 10 часот по средноевропско време.
Тие се товари по шест точки за злосторства против човештвото – прогон, затворање, други нечовечки дела, мачење, убиство и присилно исчезнување – како и по четири точки за воени злосторства. Според обвинението, делата биле извршени во периодот од март 1998 до септември 1999 година на повеќе локации во Косово и во северна Албанија, против стотици цивили и лица кои не учествувале во борбите.
Сите четворица ја негираат вината. Обвинителството тврди дека доказите укажуваат на нивна индивидуална кривична одговорност за дела извршени во рамки на широко распространет и систематски напад врз лица сметани за противници на УЧК.
Пресудата се очекува во атмосфера на високи политички и општествени тензии. За голем дел од косовските Албанци, Тачи и останатите поранешни команданти остануваат симболи на вооружената борба за независност. Илјадници луѓе деновиве излегоа на собири во Приштина барајќи ослободителна пресуда.
Поддршка беше изразена и во Скопје. На плоштадот „Скендербег“ се одржа собир на кој присутните носеа маици и транспаренти со ликовите на четворицата и порачаа дека очекуваат да бидат ослободени. На собирот зборуваше и поранешниот командант на ОНА и поранешен пратеник Џезаир Шаќири – Хоџа.
Неколку дена претходно, на големиот марш во Приштина беше и лидерот на ДУИ Али Ахмети, еден од основачите на УЧК. Тој порача дека маршираат „за слободата и за поддршка на ослободителите“ и дека очекува Тачи, Весели, Красниќи и Селими да бидат прогласени за невини.
Ахмети и порано јавно зборуваше за можни реакции ако пресудата биде осудителна. Во октомври минатата година предупреди дека никој не може да гарантира оти луѓето кои војувале заедно со обвинетите ќе останат мирни и дека би можеле да се појават групи кои ќе го изразат својот револт.
Пред пресудата тој повторно ја истакна улогата на Западот, посочувајќи дека УЧК имала поддршка од НАТО и од држави кои сакале да ги запрат насилството и масакрите во Косово.
Аргументот на Ахмети е политички. Судот во Хаг, пак, не одлучува за легитимноста на борбата за независност на Косово, ниту за политиката на НАТО во 1999 година. Предмет на постапката се конкретните обвиненија и индивидуалната кривична одговорност на четворицата. Специјализираните совети нагласуваат дека обвинението се однесува на конкретни дела против цивили и лица кои не учествувале во борбите.
Токму тука се судираат двата наратива што со години го следат процесот. Поддржувачите на поранешните команданти стравуваат дека пресудата би ставила знак на еднаквост меѓу УЧК и српските сили, додека семејствата на исчезнатите и жртвите бараат индивидуална одговорност без оглед на страната.
Војната во Косово од 1998 и 1999 година однесе околу 13.000 животи, а мнозинството од загинатите биле етнички Албанци. Конфликтот заврши по воздушната кампања на НАТО и повлекувањето на српските сили.
Тачи потоа стана една од централните политички фигури во Косово – беше премиер, а потоа и претседател. Во 2020 година поднесе оставка откако обвинението беше потврдено и беше префрлен во притвор во Хаг. Весели, Селими и Красниќи исто така се во притвор од ноември 2020 година.
Судењето започна на 3 април 2023 година. Сведочеа 134 сведоци, а во постапката учествуваат 156 жртви. Доказната постапка беше затворена во декември 2025, а завршните зборови беа одржани во февруари годинава. Судот образложи дека обемот на доказите и сложеноста на предметот барале повеќе време за донесување на пресудата.
Чувствителноста на денот ја покажуваат и безбедносните предупредувања. Британските власти ги предупредија своите државјани дека на 16 септември се очекуваат големи собири во Приштина и други градови и им советуваа да избегнуваат демонстрации и големи групи.
Пресудата денеска ќе даде првостепен судски одговор за индивидуалната одговорност на четворицата. Политичките и историските спорови околу УЧК, војната, жртвите и улогата на меѓународната заедница, сепак, речиси сигурно нема да завршат со читањето на одлуката.