По освојувањето на апсолутно мнозинство во парламентот, од страна на „Студентска листа – Студентите победуваат“ , започна консултации за составот на новата Влада на Република Србија.
Иако движењето, кое произлезе од студентските протести, функционираше без еден единствен формален политички лидер, постепено се оформува потесен круг на кандидати за највисоките извршни функции, со можни двајца кандидати за иден премиер.
Едниот е носителот на листата, Илија Срдановиќ, кој е редовен професор на Медицинскиот факултет при Универзитетот во Нови Сад и кардиолог во Институтот за кардиоваскуларни болести на Војводина во Сремска Каменица.
Како прв кандидат на победничката листа, Срдановиќ се смета за главен претендент за функцијата премиер, иако постојат и шпекулации дека би можел да застане на чело на Министерството за здравство или да раководи со сеопфатната реформа на секторите образование и здравство.
Како втор можен иден кандидат за премиер се споменува името на Дејан Шошкиќ, професор на Економскиот факултет при Универзитетот во Белград и поранешен гувернер на Народната банка на Србија (2010–2012) – функција што ја напушти по доаѓањето на Вучиќ на власт.
Тој е експерт за финансиски пазари и монетарна економија и ужива углед во јавноста како независен економист со меѓународен кредибилитет.
Во политичките и економските кругови, Шошкиќ се смета за клучен кандидат за водење на Владата или за преземање на Министерството за финансии, со фокус на стабилизирање на јавните финансии, привлекување инвестиции и враќање на независноста на финансиските регулаторни тела.
Во интервју за „Индекс“ , Шошкиќ не ја отфрли можноста да стане премиер.