Ова го изјави Дениз де Хаувере, поранешна белгиска амбасадорка во Србија, во интервју за телевизијата „Инсајдер“, пренесува Индекс.хр
Според неа, Европската унија активно ги следела настаните во Србија во пресрет на парламентарните избори на 25 октомври, на кои „Студентската листа“ ја победи СНС на Вучиќ, ставајќи крај на неговото долгогодишно владеење.
„Сигурно сте слушнале дека токму благодарение на Европската унија, Вучиќ ги повлече војниците и полицијата од Пионирски парк. Унијата изврши притисок врз него за да избегне иницирање на нешто што можеше да заврши со граѓанска војна. Ова покажува дека ЕУ многу внимателно ги следи случувањата“, рече Де Хаувере.
Во изборната ноќ, администрацијата на Вучиќ имаше распоредено голем број припадници на безбедносните сили околу зградата на Претседателството и Републичката изборна комисија во Белград.
Ова распоредување на војската и полицијата ги зголеми стравувањата од можен конфликт по објавувањето на изборните резултати.
Де Хаувере смета дека Европската унија не само што ги набљудувала настаните, туку и активно презела чекори за да спречи насилство. „Сега не е време за одмазда“
Поранешната амбасадорка изјави дека Европската унија е подготвена да им помогне на новите власти во Србија во спроведувањето на реформите и зачувувањето на политичката стабилност.
„Сега не е време за одмазда или за пресметување со политичките противници, туку за работа на реформирање на институциите. Европската унија е тука и е подготвена да помогне“, рече Де Хаувере.
Таа нагласи дека е важно да се зачува функционирањето на економијата и да се обезбеди стабилна политичка ситуација за време на преносот на власта. Таа го обвини Вучиќ за манипулирање со односите со ЕУ.
Де Хаувере, која беше белгиска амбасадорка во Белград од 2006 до 2011 година, го обвини Вучиќ дека зборува поинаку за Европската унија во Брисел, отколку пред граѓаните на Србија.
Според неа, за време на средбите со европските претставници, тој се претставувал како политичар посветен на европските интеграции, додека во Србија тврдел дека Брисел поставува неправедни барања.
„Се разбира, тоа беше лага. Но, тоа функционираше некое време, сè додека критиките не станаа навистина пресилни“, изјави поранешната амбасадорка.
Таа оцени дека таквата политика придонела за назадување на демократијата во Србија и дека ЕУ, на крајот, престанала да му попушта на Вучиќ.