Специјализираното обвинителство во Хаг побара поранешниот лидер на ОВК, Хашим Тачи, да биде осуден на шест години затвор за попречување на правдата и тоа да не се смета во времето што веќе го поминал во притвор.
Во своето барање, обвинителството наведува дека времето што Тачи го поминал во притвор треба да се смета само во главниот случај за воени злосторства во кој неодамна беше осуден на 25 години затвор, објавија приштинските медиуми.
Ако Судот го прифати барањето на Обвинителството, вкупната затворска казна за Тачи пред Специјализираните совети во Хаг би била 31 година.
Тачи е во притвор од ноември 2020 година во случај во кој е обвинет за воени злосторства, а налогот за апсење во случајот против него за попречување на правдата стапи на сила во ноември 2024 година.
Обвинителството тврди дека, со оглед на тоа што Тачи бил притворен во текот на целата оваа постапка во врска со обвиненијата во случајот за воени злосторства и злосторства против човештвото, секое сметање за времето поминато во притвор треба да се одземе само од неговата казна во тој случај, а не да се пресмета двојно.
На Тачи му се суди за попречување на правдата и обид за влијание врз сведоци заедно со уште четворица поранешни членови на ОВК – Башким Смакај, Исни Киљај, Фадил Фазлиу и Хајредин Кучи.
Според обвинението, во периодот од 12 април до 2 ноември 2023 година, за време на одвоени, непривилегирани посети на притворот, Хашим Тачи им дал на Смакај, Килај, Фазлиу и Кучи доверливи информации за сведоците на Обвинителството во одделен случај за воени злосторства против Тачи, им наредил како да влијаат врз сведоците
Тачи се товари за три точки за обид за попречување на службено лице во вршење на службената должност со учество во заедничка акција на група, четири точки за нарушување на тајноста на постапката и четири точки за непочитување на судот.