Регион

Руската „Росатом“ ќе гради нуклеарна централа во Србија

Српските власти и руската државна корпорација „Росатом“ започнаа преговори за изградба на нуклеарна централа во Србија

Српските власти и руската државна корпорација „Росатом“ започнаа преговори за изградба на нуклеарна централа во Србија, изјави српскиот амбасадор во Москва, Момчило Бабиќ, за рускиот весник „Известија“. „Сериозно разговараме со Росатом. Не мислам дека има подобра компанија во светот за изградба на нуклеарна централа. Убеден сум дека ќе има напредок во наредните години, бидејќи ни е потребна електрична енергија. Дефинитивно ќе го направиме тоа“, рече Бабиќ.

Во ноември 2024 година, српското Собрание го укина мораториумот за изградба на нуклеарни централи, воведен во 1989 година по катастрофата во Чернобил, поради проценките дека потрошувачката на електрична енергија во Србија ќе се зголеми четирикратно до 2050 година. Оваа одлука отвори пат за развој на нуклеарна енергија, мотивирана од потребата за енергетска независност и намалување на зависноста од руски нафта и гас, особено поради притисокот од ЕУ за прекин на енергетските врски со Русија до 2028 година.

Белград моментално разгледува партнери за проектот, а покрај „Росатом“, во игра се и Јужна Кореја, Кина и Франција. Во септември 2025, Србија потпиша два меморандуми за разбирање со јужнокорејската компанија KHNP за соработка во нуклеарната енергија, додека француската EDF е ангажирана за студија за потенцијалот на нуклеарното производство.

Според „Известија“, аналитичарите сметаат дека понудата на „Росатом“ е најконкурентна, бидејќи вклучува целосен пакет: проектирање, изградба, набавка на нуклеарно гориво, одржување и управување со отпадот. Разгледуваните опции вклучуваат голема централа со два реактора VVER-1200 (слични на оние во Белорусија) или помали модуларни реактори RITM-200 и RITM-400. „Росатом“ може да понуди и поволни кредити, што е пракса во нивните меѓународни проекти.

Иако „Росатом“ се смета за лидер во нуклеарната технологија, соработката со Русија може да се соочи со пречки поради амбициите на Србија за членство во ЕУ. Брисел бара од кандидатите за членство усогласување со санкциите против Русија, што може да го комплицира проектот. Аналитичарите предупредуваат дека преговорите може да траат една до две години пред да започне изградбата.

Претходно, во мај 2025, за време на посетата на српскиот претседател Александар Вучиќ на Москва, генералниот директор на „Росатом“, Алексеј Лихачев, ја нагласи подготвеноста на компанијата да понуди и големи и мали нуклеарни решенија. Дел од народот ја поддржуваа соработката со Русија за енергетска сигурност, додека други предупредуваат на политичките ризици и зависноста од Москва.

Србија планира да одлучи за партнерот во наредните години, со цел да ја зајакне енергетската независност и да одговори на растечките потреби за електрична енергија.

Најнови вести од: Регион

Нов услов за странските работници во Хрватска – ќе мора да учат хрватски!

Наскоро ќе се воведе обврска за странските работници да учат и да полагаат испит на хрватски јазик како услов за продолжување на нивната дозвола за работа во Хрватска, а исто така им се овозможува полесно да ги менуваат работодавачите. Хрватската влада на денешната седница усвоила измени на Законот за странци и ги испратила во парламентот. Измените се прават, заради усогласување со законодавството на ЕУ, односно со Директивата за единствена постапка за обработка на барањата за издавање единствена дозвола за престој и Пактот за азил и миграција, кој воведува нови правила за управување со миграцијата и воспоставување заеднички систем за азил на ниво на Европската унија.

„Нетпрес“: Тројцата убиени во Бугарија биле од паравоена организација, која соработувала со бугарските власти

Тројцата убиени мажи, кои вчера биле пронајдени во поранешниот планинарски дом „Петрохан“ на Стара Планина во Бугарија биле припадници на паравоена ренџерска агенција, јавија бугарските медиуми. Трите жртви пронајдени убиени во „Петрохан“ се Дечо В. (45), Ивајло И. (49) и Пламен Ст. (51), објави бТВ. Тие биле членови на паравоена организација.

To top