Регион

Црна Гора ја усогласи визната политика со Европската Унија

Безвизен режим до 90 дена останува за граѓаните на ЕУ и многу други земји

Поради хармонизацијата на визната политика со Европската Унија, од 1 ноември на граѓаните на Русија, Белорусија, Турција, Саудиска Арабија и Кина ќе им бидат потребни визи за влез во Црна Гора.

Според декретот, граѓаните на голем број земји и натаму ќе можат да влегуваат, да поминуваат и да престојуваат во Црна Гора до 90 дена без виза, со важечка патна исправа.

Меѓу нив се граѓаните на земјите-членки на Европската Унија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, САД, Канада, Обединетото Кралство, Јапонија, Австралија, Нов Зеланд и бројни други држави.

Носителите на патни исправи од Хонг Конг, Макао, одредени прекуокеански територии на Холандија и Обединетото Кралство, како и од Тајван, исто така ќе можат да престојуваат без виза до 90 дена.

Регулативата ја задржува и можноста за влез со лична карта за граѓаните на земјите-членки на ЕУ, Албанија, Босна и Херцеговина, Исланд, Косово, Лихтенштајн, Северна Македонија, Монако, Норвешка, Сан Марино, Србија, Светата Столица и Швајцарија.

Тие ќе можат да влезат и да престојуваат до 30 дена без виза, само со важечка лична карта.

Во јули владата одлучи да воведе визен режим за петте споменати земји, со што Црна Гора целосно ја усогласи својата визна политика со Унијата и исполни еден од последните критериуми во Поглавјето 24 од преговорите.

Промената е особено чувствителна поради туризмот, кој во голема мера зависи од странски гости.

Во август странците учествувале со повеќе од 91 процент од сите ноќевања во колективните сместувачки капацитети.

Русија веќе најави реципрочни мерки. Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави дека откако Подгорица ќе воведе визи за руските граѓани, и на црногорските државјани ќе им бидат потребни визи за патување во Русија.

Москва смета дека одлуката ќе го намали бројот на руски туристи и негативно ќе влијае врз црногорската економија.

Најнови вести од: Регион

To top