Спорт

Баерн Минхен го потврди Димитриевиќ за до крајот на сезоната

Најдобриот македонски кошаркар има можност за продолжување на договорот со германскиот евролигаш за уште една сезона

Најдобриот македонски кошаркар Ненад Димитриевиќ и официјално ќе го носи дресот на Баерн Минхен до крајот на сезоната, потврди и германскиот учесник во Евролигата.

„Со Нено го зајакнуваме нашиот состав на позиција каде што претрпевме неколку повреди и откако Спенсер не можеше да се врати“, објасни спортскиот директор Драган Тарлаќ. „Како најкорисен играч во ВТБ-лигата, со неговите години развој во силната шпанска АЦБ и сезона во Милано, тој носи многу искуство во нашата ротација на бекови, заедно со неговата динамичност и моќ. Со нетрпение ја очекуваме неговата енергија, одбрана и неговата офанзивна способност да создаде решенија за себе и за другите“.

„Минхен е одлична и многу почитувана средина и кога тренерот Пешиќ ве повикува, тоа е чест и нема размислување“, ја објасни својата одлука Димитриевиќ само по полусезона во Зенит од Санкт Петербург да му се приклучи на тимот што се наоѓа на делба од 15 до 20 место во Евролигата со 6 победи и 13 порази.

„Навистина сакав да се вратам во Евролигата и сакам да помогнам за да се добијат што е можно повеќе натпревари веднаш. Тимот сака да ја освои лигата, Купот и да се бори за место во плејофот во Евролигата до последниот натпревар. Ќе ја вложам целата моја енергија и борбен дух за да имаме шанса да победиме во секој натпревар“, вели репрезентативецот на Македонија на официјалната вебстраница на Баварците.

Димитријевиќ сезонава повторно импресионираше како енергичен тимски играч со просек од 11,5 поени и 5,7 асистенции по натпревар. Тој се најде на насловните страници во ноември 2024 година, постигнувајќи 43 поени за Македонија против Литванија во квалификациите за Евробаскетот.

Баерн Минхен е петти клуб за 27-годишниот бек-шутер по Хувентуд (2016-2021), Валенсија (2021-2022), Уникс Казан (2022-2024) и Олимпија Милано (2024-2025).

Најнови вести од: Спорт

To top