Спорт

Червар: По осум години се враќам во мојата втора татковина и ќе ја завршам кариерата тука

Поранешниот трофеен тренер на Металург и бивш селектор на Македонија во идните три години ќе го води Еурофарм Пелистер

Еурофарм Пелистер денеска го претстави својот нов тренер Лино Червар, а едно од најголемите тренерски имиња во историјата на ракометот не штедеше комплименти за Македонија, чие државјанство има покрај хрватското.

„Чест е да работам во Битола, град со голема ракометна традиција. По осум години се враќам во мојата втора татковина и ќе ја завршам кариерата тука. Веќе одлучив дека е време да завршам, а најдобро е да го направам тоа во град каде што ракометот е религија. Луѓето овде го сакаат спортот, а правењето на она што го сакаш е најголема среќа. Видов дека во Битола имаше желба да дојдам и ја прифатив поканата“, рече Червар, кој во следните три години ќе го води поранешниот македонски првак.

„Ги поздравувам сите поранешни тренери и играчи кои играа за Еурофарм Пелистер, за мене најголемото ракометно име во Македонија. Пред мене е тешка задача, конкуренцијата е одлична, но мора да задржиме позитивен став. Треба да ги пофалиме конкурентите – Вардар, кој се разбуди и напредува со големи чекори, како и Охрид, кој ја освои европската титула. Мора да бидеме пријатели и да работиме заедно, но на теренот ќе има борба. Ние сме едно семејство, ќе дадеме сѐ од себе и ќе ја оправдаме довербата“, додаде поранешниот тренер на Металург и бивш селектор на репрезентацијата на Македонија.

Червар остави неизбришлива трага во македонскиот ракомет – со Металург беше четири пати шампион и три пати го освои Купот на Македонија, а во сезоните 2014 и 2015 двапати со „металурзите“ стигнуваше на прагот на фајнафорот во Лигата на шампионите.

 

Најнови вести од: Спорт

To top