Спорт

Ивановски подобар од братот на Циципас во Загреб

Македонскиот тенисер славеше во два сета и се пласира во четврфиналето заедно со Украинецот со македонски пасош Приходко

Калин Ивановски се пласира во четвртфиналето на тенискиот фјучерс во Загреб, кој се игра на земјени терени и за награден фонд од 30.000 американски долари, со победата од 7-6 (8), 7-5 над Гркот Павлос Циципас по 2:13 часа игра во второто коло.

Ивановски, неделава 1147. на АТП-листата во сингл, водеше рововска битка без ниту еден брејк во првиот сет со помладиот брат на еден од најдобрите светски тенисери Стефанос Циципас, а во вториот дури во 11. гем му го одзеде сервисот на 20-годишниот ривал рангиран на 1.037 место во светот за водство од 6-5, а потоа отсервира за победа.

Негов противник во четвртфиналето утре од 10 часот ќе биде Хавиер Баранко Косано (423.) од Шпанија.

Меѓу осумте најдобри во Загреб се најде и Украинецот со македонски пасош Олег Приходко (410.), кој виде мака за да го оправда статусот на прв носител против Глиб Секачов (1359.) од Украина, славејќи со 6-0, 4-6, 6-4 по 2:11 часа игра.

Следна пречка на репрезентативецот на Македонија во Дејвис купот од мај годинава ќе биде Димитрис Сакеларидис (653.) од Грција утре од 10 ч.

Најнови вести од: Спорт

Рекордни 15 илјади и 50 тркачи од 63 држави на „Виз ер“ Скопскиот маратон!

Главниот град на Република Македонија денеска повторно пулсираше во ритамот на трчањето. На 22. издание на Виз Ер Скопскиот маратон, рекордни 15.050 тркачи од 63 земји ги исполнија улиците на градот, а долж патеката ги следеше публика од сите генерации, која со аплаузи и бодрење беше со нив од првите метри до целта. Сонцето, насмевките и доброто расположение го претворија денот во вистинска прослава на трчањето, со Скопје во центарот на една голема спортска приказна.

To top