Контроверзноста околу натпреварот од четвртфиналето на Светското фудбалско првенство меѓу Англија и Норвешка доби нов правец откако се огласи поранешниот светски шампион во шах Гари Каспаров.
По мечот во кој Англичаните славеа со 2:1 и се пласираа во полуфиналето избувна полемика околу израмнувачкиот гол на островјаните, постигнат во судиското продолжение од првото полувреме од Џуд Белингам.
Норвешките играчи тврдат дека на акцијата претходел контакт помеѓу топката и кабелот од камерата над теренот, што, според нив, предизвикало таа да ја промени својата траекторија.
ФИФА објави дека сензорот во топката не регистрирал никаков контакт со кабелот и оти нема докази дека топката го променила правецот на летот.
Каспаров реагираше на оваа одлука, испраќајќи иронична порака на социјалната мрежа Икс против светската фудбалска организација.
„ФИФА мора отсега сите кабли за камери да ги прави од хрватска коса“, напиша Каспаров, алудирајќи на контроверзноста со осминафиналниот натпревар Хрватска – Португалија, кога на „коцкестите“ им беше поништен гол поради наводен допир меѓу топката и Игор Матановиќ.
ФИФА тогаш објасни дека технологијата регистрирала контакт со косата на хрватскиот напаѓач, што довело до офсајд и голот на Јошко Гвардиол поради тоа бил поништен.
FIFA must make all camera wires out of Croatian hair from now on! https://t.co/yC80HvCIBV
— Garry Kasparov (@Kasparov63) July 12, 2026