Тениската репрезентација на Македонија ја совлада Грузија со 2:0 и утре против Црна Гора ќе игра за промоција во повисок ранг од Дејвис купот, покрај Молдавија и Летонија од турнирот во Третата европска група во Кишињев.
Врз основа на досегашните настапи и на рејтинзите на играчите, избраниците на капитенот Горан Шевченко се фаворити за промоција во Втората светска група.
Калин Ивановски, кој по долгото отсуство поради повредата е 991. на АТП-листата во сингл, го донесе првиот поен против Грузијците со победата од 7-6 (2), 6-2 над Александре Бакши (645.) по 85 минути игра.
Уште подолго траеше вториот меч во поединечна конкуренција, во кој на Украинецот со македонски пасош Олег Приходко (379.) му требаа 2:13 часа за триумф со пресврт од 6-7 (4), 6-1, 6-3 против првиот грузиски рекет Саба Пурцелаѕе (446.).