Машката кадетска ракометна репрезентација на Македонија в недела од 12 часот ќе игра со Израел за деветтото место на Европското првенство во Србија, откако во драматичен натпревар денеска ја совлада Португалија со 26:25.
Херој во црвено-жолтиот табор беше Трајче Костов, кој го постигна победничкиот гол неколку секунди до крајот и го заврши мечот со реализација 5/6, а поефикасен од него во македонскиот тим беше само Горазд Дамчевски со 7/11.
По трите порази во исклучително тешката група со Франција, Шведска и Словенија, ова е четврта победа во низа за македонските ракометни надежи, кои во разигрувањето за пласман од 9 до 16 место претходно ги совладаа Италија, Турција и Фарски Острови.
Последниот противник на селекцијата на Македонија до 18 години на ова ЕП, Израел, ја декласира Австрија со 31:22.