Спорт

Словачка недораснат ривал, Македонија на десетти ракометен мундијал

Осмото учество на планетарните собири во низа изборено со триумф од 38:23 за вкупни 22 гола разлика во двомечот

Најдобрите македонски ракометари буквално се прошетаа до својот десетти пласман на светските првенства, осми во низа, декласирајќи ја Словачка со 38:23 и со вкупна разлика од 22 гола изборија учество на мундијалот во Германија во јануари.

Уште на полувреме, кое избраниците на селекторот Кирил Лазаров го добија со 18:11, беше јасно кој од овој двомеч ќе се најде меѓу 32. најквалитетни селекции на планетата.

И покрај тоа што против себе имаа нерамноправен ривал, „црвено-жолтите“ не подзастанаа, напротив, пред исполнетата сала „Борис Трајковски“ им приредија ракометно уживање на своите навивачи, во кое се издвои капитенот Филип Кузмановски со 11 гола од 13 удари.

Мартин Велковски реализира од сите шест обиди, Милан Лазаревски промаши само еден од шест, исто како Марко Стојковиќ, кој оствари ефект 4/5.

Покрај Македонија, преку баражот до СП стигнаа и Грција, Полска, Франција, Словенија, Србија и Италија.

Извлекувањето на групите е закажано за 10 јуни во Минхен.

 

Најнови вести од: Спорт

To top