Роџерс Мато може веднаш да си оди од Вардар ако некој му понуди 1,5 милиони евра како отштета на најтрофејниот фудбалски клуб во Македонија.
„ФК Вардар АД ја информира јавноста дека, поради зголемениот интерес од повеќе странски клубови за нашиот фудбалер Рогерс Кассим Мато, Управата на клубот донесе одлука да утврди откупна клаузула во износ од 1.500.000 евра“, се вели во клупското соопштение.
Со ваков официјален став денеска излегоа „црвено-црните“ по зголемениот интерес за левото крило од Уганда, кое го дели првото место на листата на стрелците во Првата македонска фудбалска лига со 12 гола, а има и 3 асистенции.
Заедно со трите погодока во квалификациите за Конференциската лига на УЕФА сезонава миленикот на „комити“ има 15 погодоци на 17 средби, што го привлече вниманието на лидерот во шкотскиот Премиершип, Хартс, кој понуди 300 илјади фунти.
Претходно, слична сума за Мато, чиј договор со водечкиот тим во ПМФЛ истекува на крајот од јуни годинава, понуди марокански Танжер, а интерес за 22-годишникот пројавил и турски Трабзонспор.
Мато има и 8 гола на 41 настап за Уганда, вклучувајќи го и тој против Мароко на тековниот Куп на африканските нации.