Спорт

Вардар го делеа три минути од херојски подвиг во Рига

До 87. минута „црвено-црните“ и со играч помалку имаа 2:0, но по продолженијата изгубија со 5:2 и испаднаа од Конференциската лига

По 87 минути игра на стадионот „Сконто“ фудбалерите на Вардар го имаа потребниот резултат за херојска елиминација на Рига и пласман во третото квалификациско коло на Конференциската лига на УЕФА, но нововлезениот Нигериец Абдулрахман Таиво тогаш намали на 1:2 и избори продолженија за летонскиот првак, кој на крајот славеше со 5:2.

Македонскиот шампион беше на прагот на подвиг со головите на Давид Бабунски во 17. минута и на Азер Омерагиќ во 66 минута, и тоа со играч помалку од 19. минута по исклучувањето на Филип Најдовски, но, како и на стартот од квалификациите за Лигата на шампионите против Купс во Финска, не издржа докрај да го анулира поразот од 3:2 во Скопје.

Тогаш во Куопио по 90 минути славеше со 2:0 и отиде во дополнителни 2х15 минути, за во нив да прими два гола и да си замине со празни раце, а сега беше торпедиран во есктра времето со погодоците на Тунижанецот Раки Ауани во 92. минута и на Бразилците Јаго Сикера во 105. минута, Режиналдо Рамиреш во 109. минута и Кајо Фереира во 117. минута.

Рига продолжува во следната рунда, кадешто ја чека унгарски Ѓер, а „црвено-црните“ се вртат кон домашната сцена и одбраната на титулата.

Најнови вести од: Спорт

To top