Што најмногу придонесува за намалување на стапката на пушење во европските земји? Додека Европската комисија во својот последен извештај за пушењето и употребата на никотин тврди дека тоа се должи на строгите правила за контрола на тутунот во ЕУ, експертите и застапниците на концептот за намалување на штетите од пушењето ги оспоруваат ваквите тврдења, потенцирајќи дека податоците што ги изнесува Комисијата се темелат на неоправдана контра-регулација, противење на научните докази за намалувањето на штетите од тутунот и пристрасно авторство.
Европската комисија, која е извршна власт на Европската унија, го објави извештајот на почетокот на април, како евалуација на контролата на тутунот во ЕУ според Директивата за тутунски производи. ЕК во извештајот утврди дека правилата на ЕУ значително придонеле за намалување на пушењето.
– Од 2012 година, стапките на пушење во ЕУ се намалија од 28 на 24 отсто кај целокупното население, а намалувањето бележи уште поголем пад кај младите луѓе. Смртните случаи поврзани со тутунот, исто така, значително се намалија, што го одразува позитивното влијание на построгите правила врз регулирањето на производите, забраните за рекламирање и здравствените предупредувања – соопшти Европската комисија.
Британскиот застапник за намалување на штетите од тутунот, Мартин Калип, го нарече извештајот „срамен документ за ЕУ“.
– Овој документ го оценува малото намалување на преваленцата на пушење како триумф и неточно тврди дека целата заслуга се должи на традиционалните политики за тутун и забраните – изјави Калип.
За споредба, Калип ја образложи ситуацијата со стапката на пушење во Велика Британија, каде во истиот временски период како и тој што го разгледуваше ЕК, преваленцата падна од 20 на девет отсто, бидејќи здравствените власти ги препознаа алтернативните никотински производи како помалку штетна алтернатива и милиони луѓе кои користеа цигари се префрлија на алтернативи. Во меѓувреме, во Шведска, лесниот пристап до традиционалниот снус доведе до пад на стапката на пушење од 12 отсто на помалку од пет отсто, што е минималниот праг за да биде прогласена за „земја без чад“.
– Со оглед на тоа што во ЕУ има десетици милиони корисници на орални никотински производи, како што е уреди за загревање на тутунот, електронски цигари и никотински ќесички, само неинформираните може да тврдат дека тие немаат никакво влијание. Напротив, ограничувањата и забраните, вклучувајќи ја и забраната за користење снус на ниво на ЕУ, го елиминираат тоа позитивно влијание врз намалувањето на стапката на пушење – рече Калип.
Наместо да се потпре на искуствата од позитивните примери низ Европа и врз научните факти кои покажуваат дека алтернативните никотински производи помагаат за намалување на пушењето, извештајот на ЕК ги означи алтернативните производи како „предизвикувачи на нови проблеми со јавното здравје“ на кои регулаторната рамка на ЕУ мора да одговори, најверојатно со нови забрани и строги ограничувања. Извештајот повторно го користи наративот дека алтернативните никотински производи се „порта кон зависност од никотин“ за младите и покрај се поголемиот број научни докази против оваа теорија, вклучувајќи ги и искуствата на земјите каде што користењето на овие производи кај младите драстично се намали. Ваквите реални искуства покажуваат дека алтернативите продолжуваат да ги намалуваат стапките на пушење кај возрасните, а младите пушат помалку од кога било.
Д-р Константинос Фарсалинос, кардиолог и истражувач во Центарот за кардиохирургија „Оназис“ во Атина, вели дека извештајот не успеал да признае ниту една од придобивките за луѓето што преминуваат од цигари на помалку штетни алтернативи.
– ЕУ е тврдоглава во третирањето на намалувањето на штетата од тутун како закана, кога треба да го гледа како сојузник. Намалувањето на штетата е вредна алатка за намалување на пушењето и се надевам дека ЕУ наскоро ќе го сфати ова и ќе го прилагоди својот пристап и регулаторна рамка – изјави Фарсалинос.
И други експерти, како што се д-р Фабио Беатрис, научен директор на Медицинската опсерваторија за намалување на штетата во Италија и британскиот застапник за намалување на штетите од тутун, Клајв Бејтс, ја критикуваа методологијата користена во извештајот на ЕК, која ги игнорира најновите научни истражувања и факти. Тие потенцираат дека извештајот за евалуација не оценува ништо на начин што би им користел на креаторите на политиките во земјите-членки и на законодавците во Европскиот парламент, игнорирајќи го здравјето на повеќе од 100 милиони Европејци.