Свет

(Фото): Ескалираше протестот на земјоделци од неколку европски земји во Брисел

Некои од собраните земјоделци останаа смирени, додека други влегоа во центарот на градот со трактори. Протестот е организиран против договорот за слободна трговија меѓу Европската унија и земјите од Меркосур.

Ескалираше протестот на земјоделци од неколку европски земји во Брисел. Демонстрантите почнале да фрлаат камења, компири и пармезан и сирење кон полицијата, со што биле присилени да употребат водени топови. Пожари биле запалени и на други локации во Европскиот кварт, запалени факели како и обиди за пробивање на полициските блокади. Пред Европскиот парламент, ситуацијата повторно ескалираше кога околу стотина демонстранти фрлаа компири, цвекло, петарди и јајца кон полицијата, на што полицијата одговори со солзавец и водени топови.

Некои од собраните земјоделци останаа смирени, додека други влегоа во центарот на градот со трактори. Протестот е организиран против договорот за слободна трговија меѓу Европската унија и земјите од Меркосур.

Демонстрантите со трактори, кои се противат на договорот ЕУ–Меркосур, се собраа во близина на зградата „Европа“, каде што лидерите на 27-те земји членки на ЕУ разговараа за можни измени или одложување на договорот. Паралелен протест се одржа и на плоштадот Плас Луксембург, на само неколку чекори од Европскиот парламент.

  • „Она што го бараме е да можеме да живееме од нашата работа. Против сме Меркосур затоа што ако увезуваме месо и производи од земји каде што не важат истите правила, тоа не е нормално“, изјави еден земјоделец за Euronews.
  • „Ние мораме да се придржуваме до бројни правила, а тие не, а сепак ЕУ е подготвена да увезува уште повеќе“, додаде тој.

Со договорот, во период од 15 години, би се укинале царините за речиси целата трговија меѓу ЕУ и петте земји на Меркосур – Бразил, Аргентина, Уругвај, Парагвај и Боливија – но тој се соочува со сè поголем отпор.

Италија во средата сигнализираше дека ѝ се приклучува на Франција во противењето на трансатлантскиот договор за слободна трговија, откако премиерката Џорџа Мелони изјави во парламентот дека потпишувањето на договорот би било „прерано“ и дека Италија сака „соодветни реципрочни гаранции за нашиот земјоделски сектор“ пред да го одобри.

Францускиот претседател Емануел Макрон пристигна на самитот задржувајќи го својот отпор и повикувајќи на дополнителни преговори во јануари.

  • „Не сме подготвени. Ова не е усогласено. Овој договор не може да биде потпишан“, рече Макрон.

Тој додаде дека за одложувањето разговарал со лидерите на Италија, Полска, Белгија, Австрија и Ирска. Француската влада бара заштитни мерки против економски нарушувања, построги правила за земјите на Меркосур – вклучително и ограничувања за употреба на пестициди – како и засилени контроли во европските пристаништа.

Италијанскиот став ѝ дава на Франција доволно гласови за да стави вето на планираното потпишување на договорот од страна на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, бидејќи за продолжување на процесот е потребна поддршка од најмалку две третини од земјите членки.

  • „Тоа не значи дека Италија има намера да го блокира договорот, туку дека ќе го одобри само кога ќе содржи соодветни реципрочни гаранции“, изјави Мелони.

Најнови вести од: Свет

„Реформи“ на здравственото осигурување во Германија: поскапување на лековите, болничкиот престој и терапиите!

Во текот на следните две години, осигурениците во системот на задолжително здравствено осигурување (GKV) во Германија ќе се соочат со низа промени,  кои  веројатно ќе ги зголемат нивните лични трошоци за здравствена заштита.

Денес избори во Шведска, на кои е можно да се случи победа и историски влез на крајната десница во владата

Граѓаните на Шведска денеска гласаат на парламентарните избори, на кои левиот и десниот блок влегуваат речиси целосно израмнети со разлика од само 0,3 отсто, а исходот би можел да го донесе првиот историски влез на крајнодесничарските Шведски демократи во владата.

Трамп: Ирска може да се обедини и сега! – Ирски реакции: За иднината на земјата одлучуваат граѓаните, а не странски државници!

Лидерите на унионистичките партии во Северна Ирска упатија низа критики до американскиот претседател Доналд Трамп, откако тој изјави дека „би сакал да види“ обединета Ирска. Тие му порачаа на Трамп дека „за уставната иднина на земјата ја одлучуваат исклучиво нејзините граѓани, а не странски државници“, пренесоа британските медиуми.

АфД поднесе кривична пријава против Мерц по обвинувањата за „етничко чистење“

Германската партија Алтернатива за Германија (АфД) поднесе кривична пријава против канцеларот Фридрих Мерц, кој во говор во парламентот оваа недела ја обвини антиимиграциската партија дека спроведува политика на „етничко чистење“.

To top