Центарот за демократија, развој и владеење на правото (CDDRL) при Институтот за меѓународни студии „Фриман Спогли“ на Универзитетот Стенфорд најави нов семинар во рамки на серијата REDS (Rethinking European Development and Security).
Предавањето со наслов „The Kremlin’s Pressure Cooker: Restraint and Escalation in Russia’s War on Ukraine“ ќе го одржи Александар Матовски, вонреден професор на Одделот за национални безбедносни прашања на Naval Postgraduate School. Модератори ќе бидат Ана Гжимала-Бусе и Кетрин Стонер.
Настанот е закажан за четврток, 8 октомври 2026 година, од 12:00 до 13:15 часот.
Во предавањето Матовски ќе анализира како внатрешните политички императиви на режимот на Владимир Путин ги обликуваат моментите кога Москва прифаќа поразени или, напротив, ескалира. Според неговата теза, руското однесување функционира како „тенџере под притисок“.
Според Матовски геополитичките ограничувања однадвор го поттикнуваат воздржувањето, додека неуспесите на бојното поле, заморот од војната и притисокот од тврдолинејците постепено ги зголемуваат домашните трошоци на Путин. Резултатот е продолжено воздржување испрекинато со нагли ескалации – конвенционални, во сивата зона и нуклеарни закани.
Според македонскиот експерт најголемата опасност може да се појави уште пред целосна домашна криза – кога воениот замор или политичко-економските притисоци од евентуален прекин на огнот се ближат, а режимот сè уште има капацитет да дејствува кохерентно. Овие заклучоци имаат директни импликации за западните напори за управување со ескалацијата и преговори за крај на војната, без ненамерно да се зголемат руските поттици за преземање ризици.
Матовски е експерт за влијанието на домашната политика врз трајноста и стратешкото однесување на авторитарните режими, со фокус на Европа и поранешниот Советски Сојуз.
Докторирал и магистрирал на Корнел, има магистерска диплома од King’s College London и диплома по право од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Пред академската кариера бил советник за национална безбедност во Владата на Владо Бучковски а бил и политичко-воен советник во Министерството за одбрана.
Серијата REDS, организирана заедно со The Europe Center, има за цел да ги продлабочи истражувањата за новите предизвици со кои се соочува Европа, особено на нејзиниот источен фланг, и да гради интердисциплинарни мостови на Стенфорд.