
Премиерот Себастијан Лекорну и неговата влада поднесоа оставка утрово, што ја продлабочи француската политичка и економска криза, потресувајќи ги финансиските пазари и фрлајќи сериозни сомнежи врз способноста на претседателот Емануел Макрон да ја стабилизира земјата. Лекорну, назначен пред само 27 дена, се повлече неколку часа по именувањето на клучните министри, станувајќи најкратковечниот премиер во Петтата Република – рекорд што го презема од Мишел Барние, чиј мандат траеше три месеци кон крајот на 2024 година. Ова е веќе петтиот премиер на Макрон од реизборот во 2022-та, кој се соочи со огромниот предизвик да донесе буџетски скратувања за да го ограничи дефицитот и да ги смири стравувањите дека втората по големина економија во еврозоната станува неуправлива.
Финансиските пазари реагираа остро: францускиот берзански индекс падна за 3 проценти на отворањето, додека трошоците за 10-годишни обврзници се зголемија за 0,08 процентни поени на 3,57 проценти, над нивото на Италија. Еврото падна за над половина цент во однос на доларот, во редок случај кога домашни превирања имаат глобални ефекти. Ова се случува среде стравувања дека Париз е политички парализиран да спроведе милијардни скратувања, со влади што се рушат како домино поради неспособноста да ги протуркаат реформите.
Патот на Лекорну изгледаше неизвесен уште од стартот, кога го презеде кормилото од Франсоа Бајру, чија влада се распадна поради непопуларни планови за трошење, вклучително укинување на два државни празници. Опозицијата и коалициските партнери бараа симболичен прекин со минатото, но именувањата на Лекорну – како Бруно Ле Мер за вооружени сили и Ролан Лескир за економија – беа остатоци од претходни кабинети, што предизвика бес. Бруно Реталио од Републиканците се пожали дека партијата на Макрон зазема премногу позиции, додека Социјалистичката партија, клучна за буџетот, ја нарече ситуацијата „невидена криза“. Нивниот лидер Оливие Форе ја спореди оставката со онаа на де Гол во 1969-та, поздравувајќи ја како чекор напред.
Дури и „војниците“ на Макрон губат трпение: анонимен центрист тврди дека претседателот сее хаос за да го распушти Националниот собир и да ја предизвика крајно десницата на изборите во 2032-ра, откако не може да се кандидатира повторно. Лекорну во говорот ја обвини опозицијата за „партиски апетити“ пред изборите во 2027-ма и нестабилниот парламент, но оставката ја зголемува нестабилноста. Жордан Бардела од Националниот собир предвидува нови избори „во неколку недели“, а Марин Ле Пен го повика Макрон да го распушти парламентот, велејќи „на крајот сме од патот“. Матилд Пано од Непокорна Франција објави на Икс дека „одбројувањето“ до оставката на Макрон започнало по трите пропаднати влади во една година.
Политикологот Бруно Котрес во „Монд“ ја опишува ситуацијата како „барокна политика“ – бизарна и неочекувана, резултат на игра со нулта сума каде секоја страна бара компромис само во рамките на својата програма. Макронистите и социјалистите не градат нова парадигма, туку бараат преговори во кои другата страна клекне: социјалистите сакаат „суспендирање“ на пензиската реформа, но не и спроведување на левичарски мерки од десничарска влада. Никој не прашува дали земјата може да издржи суспензија на фундаментални прашања, ниту дали има смисла да се бара центар-десница да ја извршува левичарската агенда. Оваа парализа ја прави Франција ранлива, со потенцијални импликации за целата еврозона.