Свет

Путин: Првиот сериски ракетен систем „Орешник“ е во рацете на армијата

Масовното производство на комплексот „Орешник“ треба да се забрза во текот на 2025 и 2026 година

Рускиот претседател Владимир Путин објави дека првиот сериски произведен ракетен систем со среден дострел, „Орешник“, заедно со првата ракета од оваа серија, официјално е доставен до руските вооружени сили. Станува збор за нов стратешки систем што Москва го претставува како одговор на сè поизразените закани од Западот.

„Го произведовме првиот сериски комплекс ‘Орешник’, првата сериска ракета, и таа веќе е во рацете на армијата“, рече Путин за време на состанокот со белорускиот претседател Александар Лукашенко додавајќи дека се очекува постепено проширување на овој систем, вклучително и распоредување во Белорусија во текот на 2025 година.

Употребата на „Орешник“ првпат беше откриена на 21 ноември 2024 година кога Русија изврши напад врз воениот објект Јужмаш во Днепар (поранешен Днепропетровск) како одговор на нападите на украинските сили со американски ракети ATACMS и британски ракети Storm Shadow. Путин потоа истакна дека ниеден современ противвоздушен систем не може да пресретне ваков тип ракета и најави дека во иднина населението ќе биде однапред информирано за евакуација.

Според достапните информации, „Орешник“ е хиперсоничен ракетен систем со можност за носење повеќе независно водени бојни глави (MIRV), базиран на технологиите на претходниот систем RS-26 „Рубеж“. Ракетата достигнува брзина над 10 маха, што ја прави речиси невидлива од повеќето постојни системи за воздушна одбрана.

Додека официјална Москва истакнува дека станува збор за оружје што ги гарантира безбедноста и територијалниот интегритет на Русија, воените аналитичари истакнуваат дека системот не е наменет за прецизни удари врз тактички цели, туку првенствено има улога на стратешко одвраќање и демонстрација на сила. Сепак, симболичната и психолошката вредност на системот, особено во контекст на сегашните геополитички тензии, останува значајна.

Масовното производство на комплексот „Орешник“ треба да се забрза во текот на 2025 и 2026 година, а најавено е дека значителен број единици ќе бидат оперативно распоредени и во Русија и на територијата на сојузничката Белорусија, според написите во медиумите.

Најнови вести од: Свет

Бројот на мртви во Иран се мери во илјадници, се користи сила без преседан, тврди Би-Би-Си

Американската новинска агенција Human Rights Activists News Agency (HRANA), која повеќе од 20 години ги следи протестите во Иран, наведува дека се убиени најмалку 2.000 луѓе, од кои 1.850 демонстранти. Претставници на агенцијата вчера изјавија дека дотогаш идентификувале околу 500 жртви и додадоа дека се уапсени повеќе од 16.000 демонстранти.

Европа се вооружуваа: „Ѕидови од дронови“ околу Русија

Европската Унија се соочува со најголемиот безбедносен предизвик од крајот на Студената војна: целосната руска инвазија врз Украина, комбинирана со намалена доверба во посветеноста на САД кон НАТО и континенталната безбедност.

To top