Во анкетата на Политико, спроведена од агенцијата Паблик фрст во три големи земји на ЕУ, само околу еден од пет испитаници во Германија и Шпанија изјавиле дека претседателката на Европската комисија добро ја извршува својата работа. Во Франција истото го кажале само 12 отсто.
Речиси секој трет испитаник во Шпанија и Франција и 45 отсто во Германија изјавиле дека Фон дер Лаен лошо ја извршува својата работа. Лошата оценка во нејзината татковина во голема мера доаѓа од луѓето што рекле дека би гласале за крајнодесничарската Алтернатива за Германија, при што повеќе од половина од тие гласачи изјавиле дека таа ја извршува својата работа „многу лошо“.
Во Франција и Шпанија многу повеќе луѓе рекле дека не ја оценуваат нејзината работа ниту како добра ниту како лоша. Наместо тоа, или немале став за неа или никогаш не ни слушнале за неа.
Повеќе од секој петти испитаник во Франција изјавил дека не знае која е Фон дер Лаен, во споредба со 10 отсто во Шпанија и само 5 отсто во Германија.
Анкетата беше објавена само неколку часа пред Фон дер Лаен да ја претстави својата визија за иднината на Унијата во годишниот говор за состојбата на Европската Унија.
„Фон дер Лаен се соочува со истото антиполитичко расположение што ги собори актуелните власти низ целиот континент и ќе мора многу да се потруди за да ги убеди Европејците дека која било агенда на ЕУ ќе ја опфати нивната масовна загриженост поради трошоците за живот“, изјави Себ Рајд, раководител за истражување на јавното мислење во Паблик фрст, партнер на Политико за анкетите.
Резултатите од анкетата покажале и дека малку граѓани ќе го следат говорот на Фон дер Лаен во живо.
Во трите земји околу еден од десет испитаници рекол дека внимателно ќе го следи обраќањето, додека околу еден од тројца рекол дека ќе го следи во извесна мера. Испитаниците во Германија биле посклони да му посветат внимание на говорот. Во Шпанија и Франција повеќе од половина изјавиле дека или нема да го следат обраќањето иако знаат за него, или никогаш не слушнале за него.
Тие бројки веројатно сепак го преценуваат тоа колку испитаниците навистина знаат или се интересираат за говорот за состојбата на Унијата, бидејќи испитаниците рекле и дека би следеле дури и измислен настан наречен „Европска конвенција за власт“, кој воопшто не постои.