Свет

Вооружен напад што ги потресе париските предградија

Полицијата ги истражува мотивите за нападот

Едно лице го загуби животот, а пет други беа ранети – тројца од нив во тешка, животно загрозувачка состојба – во вооружен напад извршен во петокот наутро во предградијата на Париз.

Француските власти случајот го третираат како можен терористички чин, а Националното обвинителство за борба против тероризмот отвори истрага за „убиство поврзано со терористички потфат“, со околност дека делата биле извршени поради вистинска или претпоставена припадност на жртвите на одредена раса, етничка група, нација или религија.

Нападите започнале околу 10:30 часот во Трап, југозападно од Париз, а потоа се префрлиле во блиското место Ла Вериер.

Според министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез, напаѓачот пукал од своето возило – сив „Рено Клио“ – кон луѓе на кои наидувал, а целиот инцидент траел речиси 15 минути. Меѓу ранетите е и 12-годишно девојче, кое според сведоштва било погодено повеќекратно.

Градоначалникот на Трап, Али Рабе, изјави дека напаѓачот пукал неселективно, со очигледна намера да предизвика што повеќе жртви.

Луѓе биле нападнати на бензинска пумпа, во медицински центар и на детско игралиште, по што осомничениот продолжил кон Ла Вериер. Тој бил приведен на главниот пат Н-10.

„Ова е јасно терористичко кривично дело“, изјави Нуњез пред новинарите во Трап, повикувајќи се на ставот на обвинителот.

Мотивот сè уште не е целосно утврден, но истрагата ги разгледува и можните расистички или религиозни елементи.

Осомничениот, 39-годишен маж, е во притвор. Властите продолжуваат со детална истрага на теренот, додека жителите на двете населби остануваат под шок од настанот што ги потресе нивните улици.

Најнови вести од: Свет

Расте цената на енергијата, компаниите го губат оптимизмот – Нов економски притисок врз Европа

Економијата на еврозоната продолжува да расте, но со забавено темпо, додека повисоките трошоци за енергија и финансирање создаваат дополнителен притисок врз компаниите и потрошувачката. 

Чувајте дома храна за 3 дена, заедно со ќебиња, готовина, батериска ламба…

Кампањата „Биди подготвен“ (Be Ready) ги поттикнува граѓаните да направат залихи што ќе им овозможат да преживеат 72 часа без пристап до стандардните услуги и комунални добра, а иницијативата е покрената како одговор на растечката загриженост на властите во врска со последиците од климатската криза, зависноста од технологијата и заканите од непријателски настроени држави

Мерц со порака до Западниот Балкан: Ослободете се од минатото, ако сакате иднина во ЕУ!

Германскиот канцелар Фридрих Мерц повика земјите од Западен Балкан да не останат заробени во минатото, предупредувајќи дека поделбите и поларизацијата не придонесуваат за изградба на подобра европска иднина. Според Мерц, застојот во дијалогот меѓу Приштина и Белград го кочи целиот регион, поради што е неопходен итен напредок.

To top