Тема: 119 години од епската битка на Ножот

Презирот на македонските херои кон смртта во битката на Ножот на 14.7.1907, една од највеличествените страници на македонската историја по Илинденското востание

„Никој не смее да ги допре и да ги нагрди хероите! Гледате ли како комитите ја презираат смртта? Се борат и умираат како херои!“ – со овие зборови мајорот Енвер-беј, кој командувал со многубројната турска војска во легендарната битка со македонските комити на 14 јули 1907 година на планинскиот врв Ножот кај прилепското село Ракле, им оддал почит на саможртвениците за слободата на Македонија и македонскиот народ. Тој трагичен јулски ден во 1907 година штамата завладеја на Ножот, откако последните преживеани македонски комити се самоубија со последните куршуми и со активираните бомби, кои им преостанаа, за да не паднат во рацете на турскиот аскер. Претходно прилепскиот градски окружен комитет и војводите им издале наредба да се повлечат од врвот. ,,Опфатени сме од оган, гориме и сме дошле да изгориме. Сакаме да умреме со достоинство. Нашето решение е неповратно.” – порачале 54-те македонски херои, одбивајќи да се повлечат, за да можат сите останати да заминат безбедно. Битката на Ножот е од најнерамноправните и најкрвавите битки во историјата на Македонија по Илинденското востание, но е и една од многуте во македонската национална историја на непокорот, буните и востанијата против поробителите.

To top