На Националната конференција за безбедност на сообраќајот во локалната самоуправа, Тошковски им посака на граѓаните празникот да го поминат во мирна и семејна атмосфера.
„Сакам прв да им го честитам Денот на албанското знаме на нашите сограѓани. Нека е за убаво, нека е за арно! Би сакал да им порачам да имаат убав ден, весел ден, да го поминат со своите најблиски и со своите фамилии “, порача Тошковски.
Тој потенцира дека МВР нема да дозволи нарушување на јавниот ред и мир, ниту загрозување на безбедноста на учесниците во сообраќајот, потсетувајќи на инцидентите што се случувале за време на претходни прослави.
„ Нема да дозволиме нарушување на сообраќајот и нарушување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Би ги замолил сите оние што ќе сакаат да си го прослават денот, да го направат тоа во согласност со сите пропишани протоколи во рамките на една нормална семејна убава атмосфера со своите најблиски, па и со оние што сметаат дека треба да го прослава“, порача министерот Тошковски.
Денот на албанското знаме се празнува на 28 ноември, во чест на истот датум во 1912 година кога Исмаил Ќемали го истакнал црвено-црното знаме во Валона и ја прогласил независноста на Албанија од Отоманската Империја. Празникот го одбележуваат Албанците во Албанија, Косово, Северна Македонија, Црна Гора и во дијаспората.