Партенија Зографски, македонскиот црковно-народен и јазичен деец и духовен пастир на македонскиот народ – 150 години од смртта
На денешен ден, на 7 февруари се навршуваат 150 години од смртта на Партенија Зографски, првиот македонски учебникар, филолог, еден од најистакнатите културни и црковни работници од 19 век во Македонија и прв македонски митрополит. Се пројавил и како собирач на народни умотворби и прв почнал да печати македонски народни песни. Во весникот „Ден“ бр. 7, од 14. февруари 1876 година бил објавен некролог за упокојувањето на Партенија Зографски: „По долго боледување, во ноќта меѓу 6 и 7 февруари тој се пресели во вечноста, заслужувајќи го името пастир на народот, затоа што навистина верно му служеше и сите ја познаваа добрината на тој старец… Потекнува од Галичник, и заслужува вечно споменување.“ – стои во текстот. Ова се нагласува во статија на Институтот за македонска литература, посветена на животот и делото на Партенија Зографски.