Тема: Коле Неделковски

Коле Неделковски: Нашата мила татковина, посрбена, побугарена и погрчена, не се даде никому и си остана со македонска боја!

„Викот на бесмртниот Македонец Крсте Мисирков се разнесува дури сега над неговата мила татковина, веќе измачена од борбите и соперништвата на неколку народи, кои не штедеа ништо, за да ја имаат посрбена од едни, побугарена од други и погрчена од трети. Но таа не се даде на никого и си остана со својата боја македонска! Сега, подигната културно и економски, го подзема најдрагиот нејзин глас, го прегрнува најсветото име и со целата своја моќ го држи и го разнесува како светилник до најкрајните катчиња на својата ширина.“ – му напишал македонскиот револуционерен поет Коле Неделковски на 18 мај 1940 година на д-р Сергеј Мисирков, синот на Крсте Мисирков, кој тогаш живее и работи во градот Елена, Бугарија. Ова писмо Неделковски му го пратил на Сергеј во името на Македонскиот литературен кружок, како негов член, откако ја открил во Народната библиотека во Софија заборавената книга на Крсте Петков Мисирков „За македонцките работи“. Коле Неделковски е еден од најреволуционерните поети во македонската книжевност. Починат е на денешен ден, на 2 септември 1941 година во инцидент со бугарската полиција во околности, сѐ уште неразјаснети до крај: скокајќи сам од прозорецот на зградата каде што живеел, или можеби бил фрлен долу.

Коле Неделковски, поетот-револуционер, чиј глас одекнува силно и денес – 113 години од раѓањето

Коле Неделковски е човекот, кој ја откри заборавената книга „За македонцките работи“, член на Македонскиот литературен кружок од Софија, афирматор на македонскиот јазик во литературата и убеден антифашист. На денешен ден, на 16 декември 2025 година се навршуваат 113 години од неговото раѓање и ова е соодветна пригода за ново навраќање кон творештвото и овој македонски национален и поетски деец, кој соработувал со Никола Вапцаров и Кочо Рацин. Неговата бележита песна „Глас од Македонија“ е една од најпознатите револуционерни песни во во македонската книжевност. Таа е една од најпознатите револуционерни песни во македонската книжевност, како тревожен поетски глас за неразбраното македонско минато, за македонската вистина. Творештвото на Неделковски се карактеризира со употреба на македонскиот говор особено видливо во неговите збирки „Молскавици“ и „Пеш по светот“. Литературното дело на Коле Неделковски иако е скромно и по обем и по квалитет, сепак е мошне значајно. Основниот белег на  неговата поезијата е влијанието на народната поезија, а мотивите најчесто му се патриотски, исполнети со лиричност. Тој е еден од најреволуционерните поети во македонската литература. Коле Неделковски е поет-револуционер чиј глас сè уште одекнува силно и во оваа македонска сегашност.

To top