Тема: Легендарниот македонски војвода Васил Чакаларов

Вонвременскиот завет на македонскиот војвода Васил Чакаларов: Ако нам ни се стемни, барем на Македонија да ѝ се раздени!

На денешен ден, на 9 јули 1913 година кај леринското село Бел Камен во Егејска Македонија во борба со грчките војници загинува костурскиот војвода Васил Чакаларов, член на Македонската револуционерна организација (МРО). Под негово водство опстојува најголемата ослободена територија во Македонија по Илинденското востание до 27 август 1903 година. Чакаларов и неговата чета биле гонети од страна на грчките сили. На 4 јули 1913 година во Чеган четата била предадена. Тогаш дошло до судир во кој Чакаларов бил полесно повреден, а четата се поделила на два дела. Наредниот ден таа е растурена. Тој повторно бил ранет, но успеал да стигне до планината Вич на 8 јули. Чакаларов бил ранет во градите при борбата со грчки војници на 9 јули во близина на Бел Камен. Тука тој загинал и грчките војници му ја отсекле главата и ја однеле во Лерин, каде што на сиот глас викале: „Го нема Чакаларов, ја нема Македонија, го уништивме Чакаларов, а со него и сите Чакаларовци!“ Покрај храброста и јунаштвата во неговата револуционерна борба за слободата на Македонија и македонскиот народ, легендарниот македонски војвода Чакаларов ќе остане запаметен и по неговата порака, која е своевиден вонвременски завет за сите македонски поколенија: „Ако нам ни се стемни, барем на Македонија да ѝ се раздени!“

To top