Единаесет години од антитерористичката акција во „Диво насеље“ во Куманово – откриена спомен-плоча и активности под мотото „Хероите живеат вечно“
На интернет-страницата на „Википедија“ е напишано: Во населбата „Диво насеље“ во Куманово на 9 и 10 мај 2015 година беше изведена полициската акција за разбивање на оружената терористичка група. Акцијата започнала рано утрината во 04:30 часот во саботата на 9 мај и траела речиси непрекинато 28 часа, сѐ до 10:00 часот во неделата на 10 мај. Акцијата завршила со победа на македонските специјални сили и целосно неутрализирање и елиминирање на терористичката група, од која дел ѝ се предале на македонските власти во текот на вечерта во саботата на 9 мај. Според македонското Министерство за внатрешни работи, станувало збор за една од најопасните терористички групи, а групата била закана за целиот регион и била вклучена во бројни напади, при што нејзините членови биле барани со меѓународни потерници. Околу триесетина членови на терористичката група се предале безусловно на полицијата, кои главно биле македонски државјани и еден албански државјанин. Меѓу кои биле и тројца од водачите Мухамед Красниќи, Сами Укшини и Дем Шеху. Од страна на македонските безбедносни сили загинале осум припадници на специјалните единици на македонската полиција, а биле повредени дури 37 други полицајци во уличните борби низ тесниот и густо населен урбан дел на приградската населба во Куманово. На страната на терористите на самото место биле пронајдени 14 мртви тела во униформи. Јавното обвинителство на Република Македонија покренало постапка за приведените во акцијата во Куманото веднаш по самото нивно приведување, откако МВР поднело кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција против определен број лица за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедност“. Од 37 обвинети за тероризам и терористичка организација, 33 луѓе беа осудени за делата а за четири лица е донесена ослободителна пресуда. За седуммина беше изречена казна од доживотен затвор