Тема: Република Бугарија

Нацрт-заклучоците на Советот на ЕУ за промената на македонскиот устав ги кршат резолуциите на ООН и Договорот од Мастрихт, затоа се ништовни

Советот на ЕУ ја повикува Македонија да изврши промена на својот Устав во согласност со „Добрососедскиот договор“ со Бугарија и протоколите кон него, Преговарачката рамка и „францускиот предлог“, кои содржат категорично тврдење-фалсификат дека македонскиот народ, македонскиот јазик, идентитет и историја имаат „бугарски историски темели“. Тоа претставува целосно негирање на етничката, идентитетската и јазичната засебност на македонскиот народ. Декларацијата на ООН за недопустливоста на интервенирањето и вмешувањето во внатрешните работи на државите целосно ги заштитува македонскиот јазик и идентитет, како и македонската историја, од какви било и чии било обиди за негирање, или присвојување. Таа декларација строго забранува завлегување во идентитетскиот комплекс на кој било народ, што значи и на македонскиот народ. Токму ова го прават Советот на ЕУ и Бугарија! Членка на ООН е и Македонија: и за неа во еднаква мера важи применливоста на резолуциите на ООН. Според нив, ниту ЕУ, ниту Бугарија, Грција, или која било друга држава, немаат право да се мешаат во внатрешните и надворешните работи на Република Македонија, ниту да ѝ наложуваат да го менува Уставот во замена за „отворање на преговорите со ЕУ“. 

Сиљановска-Давкова: Во бугарскиот устав нема Македонци, а бараат да внесеме во нашиот устав „дел од бугарскиот народ“?!

Во однос на барањето излезни решенија претседателката на Република Македонија Гордана Сиљановска-Давкова посочи дека е доволно е да се фрли поглед на уставните гаранции во бугарскиот Устав и да се споредат со уставните гаранции во нашиот Устав, за да се види, како што нагласи, „огромна недоследност“. „Јас би била прва, што ќе бара уставни измени, ако правата на бугарското малцинство кај нас се загрозени. Меѓутоа не јас, туку телото, што го создаде Советот на Европа, а на чии одлуки се повикуваат и ЕК и Европскиот совет, тоа е Венецијанската комисија, јасно кажува дека ние немаме уставни проблеми во поглед на заштитата на правата на малцинствата, бидејќи сме ги вградиле во Уставот највисоките стандарди преку интегрирање на Рамковниот договор во Уставот, а тој е во преамбулата посочен за разлика од нашиот сосед.“ – укажа Сиљановска-Давкова.

To top