„Рамковниот“ и „преспанскиот инженеринг“ на Уставот од 17 ноември 1991 со 36-те амандмани за 35 години целосно ја урнисаа македонската „уставна приказна“ (4)
Првиот устав на независна Македонија од 17 ноември 1991 година е од редот на така наречените „национални устави“. Во најголемиот број негови суштински елементи тој беше на исто ниво и содржински и во поглед на содржаните принципи како и 165 од вкупно 189 национални устави во светот. Во изминатите 35 години до денес извршени се осум пати дури 36 амандмански интервенции во уставот, од што двапати во преамбулата, во 2001 и 2019 година: никаде во ниеден устав на ниедна држава во светот не се вршени упаѓања во преамбула со амандмани. Ова што се случувало со македонскиот устав од 1991 година. по барање на Грција во 1992 година, потоа „рамковниот инженеринг“ во 2001 година и бришењето на националниот, асномски карактер на Македонија како држава, па „преспанскиот инженеринг“ и бришењето дури и името Македонија на државата со амандмани во преамбула, сето тоа доволно јасно говори каков е сегашниот устав. Тој е сега идентитетски обезличен, со избришана државотворност на македонскиот народ и на неговите врски со матичната држава, за која војувал, со присилно „ампутирани“ врски и со Македонците во соседните држави како тамошни малцинства.