Пишува; Свето Тоевски
На денешен ден, на 17 ноември 1991 година Собранието на Република Македонија го изгласа Уставот, првиот највисок правно-политички акт на самостојната и независна македонска држава, со 92 гласа „за“, од вкупно 120 пратеници. Плебисцитарно потврдувајќи ја државноста и сувереноста на Република Македонија на референдумот, одржан на 8 септември 1991 година, Македонците и другите граѓани ја изразија својата политичка волја и гласаа Република Македонија да се конституира како суверена и самостојна држава, заснована врз државотворноста на македонскиот народ. Ваквиот резултат од тој референдум се заокружи уставно-правно со донесувањето на Уставот од 17 ноември 1991 година. Овој Устав беше оценет многу високо од страна на познатата Бадинтерова комисија, формирана од страна на Европската заедница во раните 90-ти години од минатиот век.
Но пратениците од тогашните две албански партии ПДП и НДП не гласаа за одлуката за донесување на новиот устав. Тие се спротивставија на дефиницијата дека „Република Македонија е национална држава на македонскиот народ“ и бараа споделена државност и споделен суверенитет, во кои ќе учествуваат и Албанците со статус како „еден од државотворните народи на Македонија“. Поради неприфаќањето на нивните барања, пратениците-Албанци во македонското Собрание не учествуваа во неговото донесување. Референдумот од 8 септември 1991 година беше бојкотиран и отфрлен од припадниците на албанскиот етникум. Уследи набргу „противреферендумот: „успешниот референдум за политичко-територијална автономија на Албанците во Македонија“ (познат и како „референдум за Република Илирида’) на 11 и 12 јануари 1992 година.

Забележувајќи дека создавањето на првата република на Балканот, Крушевската Република од 2 август 1903 година и Првото заседание на АСНОМ имаа сериозно влијание врз целокупниот уставен развој во Република Македонија и уставот од 1991 година, во својата научна статија „Македонска уставна приказна“ од 2017 година д-р Тања Каракамишева, професорка од „Јустинијан Први“ и уставен експерт посебно нагласува: „Според својата содржина преамбулата на Уставот од 1991 година потсетува на најважните моменти од македонското историско, културно, духовно, годишно и државно наследство. Неговата главна цел беше да го означи почетокот на современиот развој на Македонија како независна и суверена држава, заснована врз суверенитетот, што произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните, без оглед на нивната национална, верска или друга припадност, како демократска држава, во која сите се еднакви и сите имаат исти права и слободи.“
Уставната комисија на Собранието во 1991 година имала направено споредбена анализа на 26 устави во светот пред конечното усвојување на првиот устав. Меѓутоа во наредните години и децении беа извршени вкупно 36 амандмански интервенции на овој устав. Спомената прва оригинална преамбула веќе ја нема во таа иста форма и содржина. Првичниот текст од 17 ноември 1991 година се обиде да воспостави рамнотежа меѓу концептот на националната држава на македонскиот народ и граѓанскиот концепт на еднакви граѓани. Со текот на времето таа рамнотежа целосно се наруши: концептот на националната држава е „избришан“ и се случи длабока етнизација на сиот политички систем со воведувањето на „консензуалната“, „договорна демократија“ меѓу Македонците и Албанците. Во изминатите 35 години 36-те амандмани го претворија Уставот од стабилен столб на уставниот поредок и на политичкиот систем во огледало на политичките пазарења, меѓуетничките компромиси и геополитичките притисоци. Критичарите и уставните правници постојано нагласуваат дека клучните промени на највисокиот акт не произлегоа од внатрешна потреба за подобрување на демократијата, туку од надворешни диктати.
Но, проф.д-р Зузана Сиелска, доктор по политички науки и експерт за разрешување меѓуетнички конфликти од Институтот за Централна и Источна Европа при државниот Универзитет во Варшава, во Полска има констатирано дека првиот устав обезбедуваше целосна граѓанска рамноправност и траен соживот на македонскиот народ со сите малцинства, односно етнички заедници.
Во својата научна статија „Конфликти и национален идентитет – промени во Уставот на Република С.Македонија по 1991 година“ Сиелска нагласува: „Националниот идентитет е важен аспект на обликувањето на нацијата. Македонците го создаваат својот идентитет, а со тоа и својата одвоеност од другите, со помош на елементи што ја поврзуваат заедницата, како што се државата, религијата и јазикот. Уште во 1991 година, кога Република Македонија се здоби со независност, земјата се бореше за својата национална независност. Во тоа време имаше многу судири поврзани со македонскиот идентитет. Веќе на 8 септември 1991 година беше одржан референдум, а истата година на 17 ноември, македонското Собрание го донесе македонскиот устав. Во преамбулата на уставот беше нагласена вековната борба за слобода на македонскиот народ и правото на сопствена држава. Дополнително, беше забележано дека ‘Македонија е конституирана како национална држава на македонскиот народ, што обезбедува целосна граѓанска рамноправност и траен соживот на македонскиот народ со Албанците, Турците, Власите, Ромите и другите националности што живеат во Република Македонија’. Овој устав од 1991 година ги обезбеди човековата слобода и основните вредности, што ги исполнува една современа, демократска држава.“
Она што не можеа, или не сакаа да го согледаат и да го прифатат околу карактеристиките на првиот устав на независна Македонија дел од граѓаните и политичките партии од Македонија, тоа го согледаа и го потврдуваат не само овој експерт од Полска – д-р Зузана Сиелска – туку и низа други објективни уставни и политички експерти од Европа и од светот.
(продолжува)
(Авторот изнесува согледувања од сопствена уставно-политиколошка анализа, кои немаат никаква поврзаност со ниедна политичка партија во Република Македонија. Согледувањата на авторот не се став на редакцијата на „Експрес“).