На одбележувањето присуствуваа градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, претседателката на Советот Бранкица Дуковски, членовите на Советот, претставници на делегации, вработени во општината и бројни сограѓани, кои со положување цвеќе и минута молчење им оддадоа почит на борците и хероите кои ги положиле своите животи за слободата.
Особена чест на настанот му даде присуството на 97-годишниот Јован Манчевски, единствениот жив борец од тој период и сведок за историските настани. Со своето обраќање, тој сподели спомени и сведоштва за времето на борбата и ослободувањето, потсетувајќи на храброста, жртвата и решителноста на генерациите кои ја извојувале слободата.
Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски во своето обраќање истакна дека 14 Ноември не е само историски датум, туку и потсетник за одговорноста што секоја генерација ја има кон својата заедница и иднината.
„Денес, кога се поклонуваме пред споменот на борците и хероите, ја изразуваме нашата длабока почит кон нивната храброст и жртва. Тие ни ја оставија слободата како највредно наследство, а наша должност е тоа наследство да го чуваме и да го надградуваме. Денес, нашата борба е поинаква – таа е борба за подобри услови за живот, современа инфраструктура, квалитетно образование, безбедни населби и еднакви можности за сите граѓани. Наша заедничка цел е да ја градиме Општина Ѓорче Петров во општина во која младите ќе ја гледаат својата иднина, семејствата ќе се чувствуваат сигурно, а секој граѓанин ќе биде почитуван“, истакна Стојкоски.
Тој посочи дека вистинската вредност на локалната самоуправа не се мери само преку реализираните проекти, туку и преку довербата, одговорноста и грижата за граѓаните.
Одбележувањето на 14 Ноември е потсетник дека слободата не се подразбира, дека историското наследство треба да се чува, а иднината да се гради со работа, единство и одговорност.