Пишува: Свето Тоевски
Како Грција ги „ослободуваше“ Костур и цела Егејска Македонија од Македонците од 1912 до денес
Со фолклорни, културни и други настани и случувања во поширокиот костурски регион во Егејска Македонија, денес во Грција, продолжува и денес, на 14 ноември 2026 година, „прославувањето на 114-тата годишнина од ослободувањето“ на градот Костур. Споменатите активности ќе траат заклучно со 28 ноември. За какво „ослободување“ станува збор? Во текот на Првата Балканска војна во македонскиот град Костур, во Егејскиот дел на Македонија, изутрината на 11 ноември 1912 година (24 ноември по нов календар), влегува грчката војска без ниту еден испукан куршум и без никакви борби со турската војска.
Грчката историографија официјално говори за „ослободување на Костур од 527-годишното турско владеење и припојување кон современата грчка држава“. Во македонската историска наука овој чин се означува како замена на османлиската власт со нова, грчка политичко-воена воена управа. Домородното македонско население не добило автономија, ниту самоуправа, за што се бореле македонски чети против Турците. Затоа македонските историчари го третираат влегувањето на грчките воени единици во Костур како воено преземање и окупација на овој дел на македонската територија. Уште и пред да се потпише „Букурешкиот договор“ на 10 август 1913 година, кога етничка Македонија се распарчува и се поделува меѓу Грците, Бугарите и Србите, а мал дел и на Албанија.

Годинашнава грчка „фешта“ по повод „ослободувањето“ на Костур траела не еден, туку три дена: од 8 до 11 ноември, со „свечена“ комеморативна манифестација, предавања во училиштата, „свечени“ архиерејски богослужби. Веќе на 11 ноември 2026 година уследува главната програма: „централна свеченост“, црковни активности, помен, полагање венци и парада. „Круна“ на активностите беше доаѓањето и говорот на претседателот на Грција Константинос Тасулас.

Според грчката јавна телевизија ЕРТ, владата ја претставувал министерот за селски развој Маргаритис Схинас. Присуствувал и началникот на Генералштабот на грчката армија Георгиос Костидис. Нималку случајно „прославата на ослободувањето“ на Костур имала највисок државен, воен, црковен и национално-историски карактер. Со ова била испратена соодветна и индиректна порака до Македонците кому сега му припаѓа Костур, но и сиот Егејски дел на некогашна етничка Македонија. Всушност, се „славеше ослободувањето“ на Костур не од Турците, туку од Македонците и тоа на таков начин што се бришат какви било траги од постоење и споменување македонско население, македонски јазик и идентитет, македонска свест.

„Со ослободувањето на Касторија се затвора циклусот на османлиско владеење, кој траел повеќе од пет века, во кој Грците тука ја задржале својата вера и грчки идентитет. Имајќи ја македонската борба како предвесник, дојде ослободувањето на Западна Македонија и на Касторија. Тоа беше борба за зачувување на грчкоста. Со Балканските војни Македонија беше ослободена и малата Грција ја удвои својата територија.“ – изјави грчкиот претседател Тасулас, цитиран од грчките медиуми.
Како растеше грчкоста, а како се намалуваше македонскоста?!

Во научниот труд на Крсте Битовски, „Костурско во револуционерно-ослободителните борби на Македонија во втората половина на XIX и почеток на XX век“, објавен во списанието „Гласник“ бр. 3 од 1985 година на Институтот за национална историја од Скопје, Македонци имало 51.300, а Грци 9.500. Македонското население било околу 68,4 отсто од вкупното население на костурската каза, а грчкото околу 12,7 отсто. Битовски ги реконструира овие бројки врз основа на историска и етнографска документација, вклучувајќи ги податоците на Васил К’нчов. За националниот и јазичниот состав на населението во Костур и Костурско многу се значајни неколку документи од грчката администрација.
Според грчка административна статистика од 1925 година за Костурскиот округ: имало 17.737 домородни Грци и 5.962 грчки бегалци. Имало Словенофони – поранешни егзархисти 14.807, а Словенофони – поранешни патријаршисти 7.339. Потоа биле попишани и 2.195 Власи од грчка ориентација и така натаму. Грчката администрација посебно ги евидентирала словенофонските жители (Македонците) според нивната претходна црковна припадност, односно дали биле под Бугарската егзархија (црква), или под Грчката патријаршија (црква). Во извештај на префектот на Лерин од јануари 1925 година се наведени 47.500 лица како вкупно население на Костурскиот округ: Словенофони: 29.500 (поранешни егзархисти: 22.000, а поранешни патријаршисти: 7.500), 10.500 домородни Грци и 7.500 грчки бегалци.
Насилнииот и негаторски однос на грчката држава кон Македонците во Костурско и Егејска Македонија (1912–денес)

По воспоставувањето на грчката власт во Костурско во ноември 1912 година, а особено по припојувањето на најголемиот дел од географска Македонија кон Грција со Букурешкиот договор од 10 август 1913 година, започнал долг процес на насилно и присилно политичко, административно, образовно и културно приклучување во грчката држава. Во тие процеси македонското словеноговорно население било изложено на различни облици на остар притисок врз својот јазик, забрана за негова јавна употреба и и на можноста за посебно македонско национално самоидентификување. Постојните словенски училишта биле затворени, вклучително и училиштата поврзани со Бугарската егзархија. Грчката држава започнала да воспоставува грчки образовни, административни и национални институции во Костурско. По 1913 година уследиле миграции, иселувања и доселувања не само во овој регион, туку во цела Егејска Македонија.
Со размената на населението по Конвенцијата од Лозана во 1923 година, во Егејскиот дел на Македонија биле населени дури 640 илјади грчки бегалци од Мала Азија и други области. Истовремено дел од македонското словеноговорно население се иселило во Бугарија. Овие процеси суштински ја промениле етничката и демографската структура на Егејска Македонија, предизвикале одмакедончување на цели нејзини подрачја. Во 1926 година грчката држава наредила промена на словенските географски имиња на населени места, планини, реки и други топоними(имиња на места) во грчки. Костур станал Касторија. Во 1927 година биле отстранети старите словенски натписи од црквите.

Во 1941–1949 година, во времето на Втората светска војна и Граѓанската војна во Грција се случувале насилства во Костурско. За време на фашистичката окупација, дел од месното македонско словеноговорно население се приклучило кон различни вооружени и политички формации, со различни национални и политички определби. Во рамките на грчкото комунистичко движење бил формиран СНОФ — Славомакедонскиот народноослободителен фронт. Значителен дел од Македонците се бореле на страната на Демократската армија на Грција.
По поразот на Демократската армија голем број луѓе ја напуштиле Грција, меѓу нив и многу Македонци, кои пребегнале во Југославија и други земји, поточно биле протерани. Следувале одмазди, прогонства, насилство и конфискација на имот. Една понова научна студија во списанието „Nationalities Papers“ на „Cambridge University Press“, објавена во 2026 година, документира за Костурско дека по 1945 година месното македонско словеноговорно население било изложено на одмазди, ограбувања и насилство. Студијата го цитира и грчкиот историчар Јоанис Колиопулос, кој повоената репресија ја опишал како „непромислена и неоправдана суровост“ на грчката влада и нејзините агенти кон македонското словеноговорно население.
(продолжува)