Во соопштението посочуваат дека злоупотребата на службената положба мора најстрого да се санкционира, а предлагаат и целосно одземање на имотот за кој функционерите не можат да докажат дека е стекнат со легални приходи, вклучително и имот пренесен на членови на семејството и блиски соработници.
Партијата бара конфискуваните средства да се насочуваат кон социјалната заштита, здравството и подобрување на животниот стандард на пензионерите и ранливите категории, како и доживотна забрана за вршење јавна функција за лицата правосилно осудени за коруптивни дела.
Во однос на правосудниот систем, предлагаат проверка на имотната состојба и професионалниот интегритет на судиите и обвинителите, деполитизација на Судскиот совет, забрзување на постапките за предмети поврзани со висока корупција и поголема независност на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција и на Државната комисија за спречување на корупцијата.
Од Партијата на пензионери порачуваат дека законите мора да важат подеднакво за сите граѓани, без оглед на функцијата или политичката припадност.