Мицкоски, кој денеска се обрати од Брисел, рече дека неговото обраќање требало да биде посветено на сосема друга тема, односно на состаноците и разговорите за борбата за интересите на Македонија во Белгија.
– До мене стигна ужасната вест која ги потресе охриѓани, но и генерално граѓаните на Македонија, за инцидентот и претепувањето на младата девојка. Ја користам оваа прилика да изразам жалење и жестоко да го осудам дивјаштвото кое се случува – изјави Мицкоски, соопшти владината прес-служба.
Тој нагласи дека како човек и родител сака да изрази поддршка до семејството на девојката, посочувајќи дека Владата ќе преземе сè што е во нејзина надлежност за сторителот да одговара пред правдата.
-Како човек, како родител, како татко, како брат и сопруг сакам да изразам поддршка до семејството на девојката и да ветам дека сè ќе сториме како институција и јас како претседател на Владата лицето кое го сторило овој ужасен напад да биде изведено пред лицето на правдата – порача премиерот.