Пишува: м-р Свето Тоевски
На денешен ден, на 16 ноември 2001 година беа донесени измените на Уставот на Република Македонија врз основа на Охридскиот рамковен договор. Авторот на овие редови истапува пред најшироката општествено-политичка јавност во Македонија како самостоен научен истражувач во политичките науки со серија свои уставно-правни и политиколошки анализи во врска со карактерот и можните последици од тие уставни амандмани, изнесувајќи строго научни факти и јазик на науката, без етнички конотации и далеку од политички ставови на која било партија во Македонија. Посебно се застапени ставови на истакнати европски и светски уставни, правни и политички експерти, но и и експерти од други научни дисциплини како од Македонија така и од Европа и светот. Дел од тие експерти предупредуваат дека уставните измени од 2001 година содржат во себе закана унитарноста на Македонија како држава да „исчезне“…
Д-р Флоријан Бибер, професор по историја и политика од Универзитетот во Грац, Австрија, има објавено во 2005 година научен труд „Делумна примена, делумен успех: Случајот Македонија“, во кој наведува дека „Уставот од 1991 година ја дефинираше Македонија како национална држава на Македонците.“ Потоа продолжува со критичка оценка: „Со тоа фактички тој устав ја маргинализираше големата албанска малцинска заедница, заедно со другите помали заедници.“ Овој познат меѓународен истражувач на етничките судири, поделените општества и на политичките системи на Западниот Балкан, ја потврдува националната природа на уставната дефиниција од 1991 година, но истовремено го критикува нејзиното „опфаќање на малцинските етнички заедници во праксата“
Говорејќи на 28 ноември 2014 година на тема „Контроверзите на мулти/етничката демократија“ на научниот собир во МАНУ по повод седумдесетгодишнината од одржувањето на Првото заседание на АСНОМ, академик Катица Ќулафкова ќе истакне дека уставните амандмани од 16 ноември 2001 година претставуваат коренито преустројство на уставот од 1991 година. „Скршнувањето што го направи Македонија во 2001 година е толку радикално, што може да се толкува како повреда на претходните уставни акти и поништување на усвоените аксиоми и идеали на македонскиот народ за своја национална држава … тестаментално формулирани во актите на АСНОМ (2.8.1944) и на Македонското научно и литературно другарство во Санкт Петербург (1902, 1903). … Системски е деградиран статусот на македонскиот народ во ‘еден од деловите на народите’, кои ја конституираат РМ, со цел да стане ‘етничка заедница’.“ – предупреди Ќулафкова на научниот собир, што е преточено и во нејзиниот научен труд потоа.
Според неа, со тие ноемвриски амандмани пред 24 години е фалсификувана историската вистина за улогата и правото на македонскиот народ да конституира самостојна држава и да го засили својот суверенитет и идентитет на меѓународен план. „Со ревизијата на ‘Преамбулата’ на Уставот на РМ е направена ревизија не само на темелниот концепт на државата и на нејзиното уредување туку е ревидирана и приказната за македонскиот народ и за неговата улога во конституирањето на македонската република од 1944. Со ваквата интервенција во уставниот акт за конституирањето на РМ се ревидира историската меморија, историската вистина, се врши коренита ревизија на македонската држава и на нејзиниот идентитет, но и на идентитетот на македонскиот народ.“ – заклучи академик Катица Ќулафкова пред 11 години.
Д-р Џени Енгстром, шведски политиколог и истражувач од областа на меѓународните односи, поврзана со Лондонска школа за економија и политички науки, има објавено научен труд, објавен непосредно по уставните промени во 2001 година, во кој го постави главното прашање: „Каква држава создава Охридскиот договор?“. Енгстром прави разлика меѓу националниот карактер на државата и граѓанската рамноправност. Според нејзината анализа, тие два принципа постоеле истовремено во Уставот од 1991 година. „Уставот од 1991 година ги гарантирал еднаквите права на сите граѓани без оглед на етничката и верската припадност.“ – посочува таа.
„Одредбите за поделба на власта, предвидени во Охридскиот договор, ја приближуваат Македонија кон создавање де факто македонско-албанска двонационална држава, наместо да застапуваат и да поттикнуваат граѓански насочена, мултиетничка држава. Целта на Охридскиот договор е Македонија да се преобрази од етничка национална држава во граѓанска / мултиетничка држава. Но наместо ова, амандманите и промените на уставот од 2001 година го посеаја семето за развој на двонационална држава. Помалите етнички заедници останаа во заднината на политичката распределба на моќта.“ – нагласува Џени Енгстром во својот труд „Мултиетничност или бинационализам? Рамковниот договор и иднината на македонската држава“, објавен во 2002 година во „Журналот за етнополитика и прашањана малцинствата во Европа“ на Европскиот центар за прашања на малцинствата“
Проф.д-р Лазар Лазаров од Институтот за национална историја од Скопје во 2007 година нагласи дека со споменатите уставни амандмани и посебно со четвртиот од нив македонскиот народ го изгуби правото на носител на државноста на Република Македонија. „Со Охридскиот рамковен договор и измената на преамбулата на Уставот на Република Македонија од 1991 година македонскиот народ го изгуби правото на носител на државноста во полза на граѓаните. Ваква примена на т.н. ‘консензуална експериментална демократија’ не постои никаде во светот, освен во Република Македонија.“ – напиша Лазаров во својата научна статија „Погледи на создавањето и развојот на македонската државност и уставност со посебен осврт на уставите по Втората светска војна“
(продолжува)