Пишува: м-р Свето Тоевски
На денешен ден, на 16 ноември 2001 година беа донесени измените на Уставот на Република Македонија врз основа на Охридскиот рамковен договор. Авторот на овие редови истапува пред најшироката општествено-политичка јавност во Македонија како самостоен научен истражувач во политичките науки со серија свои уставно-правни и политиколошки анализи во врска со карактерот и можните последици од тие уставни амандмани, изнесувајќи строго научни факти и јазик на науката, без етнички конотации и далеку од политички ставови на која било партија во Македонија. Посебно се застапени ставови на истакнати европски и светски уставни, правни и политички експерти, но и и експерти од други научни дисциплини како од Македонија така и од Европа и светот. Тие експерти аргументираат дека постојат разновидни опасности по функционирањето на Македонија како држава., поради амандманските промени на највисокиот правно-политички акт на Македонија. опасност
Во универзитетскиот учебник „Политички систем“ од 2023 година, заеднички со проф. д-р Јелена Трајковска-Христовска и доц. д-р Марко Кртолица од Правниот факултет „Јустинијан Први“, нивната колешка професорката по уставно право и политички систем д-р Рената Тренеска-Дескоска прецизно укажува каква „консензуална“, односно „консоцијална демократија“ „инсталираа“ „рамковните амандмани“ во македонскиот устав во 2001 година. Но и со какви последици. „Консензуалната демократија“ има и друго име: „консоцијална демократија“. Тоа значи „договорна демократија“ врз етнички принцип, во македонскиот случај главно меѓу Македонците и Албанците.
„На консоцијалната демократија ѝ се забележува дека е недоволно ефикасна во постигнувањето стабилна и успешна власт, поради тоа прекумерната употреба на вето во одлучувањето од страна на малцинските групи може да доведе до целосен застој. Опасноста од употребата на правото на вето е можноста од тиранија на малцинството, а тоа право на вето го имаат сите малцински групи. Консоцијативната демократија се смета како опасна, затоа што ја слабее кохезијата во државата, односно води кон внатрешна конфедерализација на системот. Консоцијалната демократија е решение од ‘крајна нужда’ во државите, кои се соочуваат со сериозна опасност од распад по етничките шевови.“ – нагласува Тренеска-Дескоска.
Уште појасно кажано, Охридскиот рамковен договор и од него произлезените уставните амандмани од 16 ноември 2001 година вградија „фабрички дефект“ во уставот и во политичкиот систем: да функционира не на нормален начин како во другите развиени европски и светски држави, туку преку етнички договарања меѓу лидерите (читај: „етничките поглавари“ на Македонците и Албанците, а повремено и на другите етнички заедници. Па кога ќе се закараат за ова, или она етничко право, тогаш ќе „зачкрипи“, или напати и ќе запре, поточно ќе дојде до блокада и парализа во „машинеријата“ на донесување одлуки во државата. Македонија има поради уставните амандмани од 2001 година не само неефикасен политички систем, туку и внатрешен расцеп по етнички линии, со оглед на, како што предупреди професорката Рената Тренеска-Дескоска, „можноста од тиранија на малцинството“ кога тоа ќе го (зло)употребува правото на етничко вето преку принципите на бадинтер во донесувањето политички одлуки од интерес за албанската и другите етнички заедници.
Поради масивната интервенција на меѓународниот фактор во врска со конфликтот во 2001 година, олицетворен во тогашната администрација на САД и во ЕУ, како што забележа професорот Лазаров, Македонија се претвори во „експериментална лабораторија“ за уставни и политички опити со македонскиот народ и неговата држава.
Учествувајќи на 10 декември 2007 година во научната расправа во МАНУ, која се одржа на тема „Еволуција на уставниот систем на Македонија кон усвојување на уставниот Договор на ЕУ“, д-р Гордана Сиљановска-Давкова, тогаш професорка по уставно право и политички систем во Правниот факултет „Јустинијан Први“, истапи во својот научен реферат со констатацијата дека во 2001 година врз македонската држава беше спроведен „рамковен и уставен инженеринг“ во режија на меѓународната заедница.
„Основните решенија на Рамковниот договор беа обликувани така што преставуваа постконфликтна реконструкција на Македонија како слаба држава, во која меѓународните претставници се ‘градители на државата’, (‘state builders’), а граѓаните се ‘локални засегнати страни’ (‘local stateholders’)! Под притисок на сила, во услови кога дел од македонската државна територија беше надвор од контролата на македонските власти, беше сменет Уставот на Република Македонија. Првпат во историјата на конституционализмот е сменета една преамбула без да се донесе нов устав. ‘Меѓународната заедница’ активно учествува во внатрешната политика на Р. Македонија во рамки на градењето на државата, демократијата и мирот. Притоа е реална заканата Македонија да стане ‘држава без душа’ (‘soulles state’).“ – нагласи Гордана Сиљановска-Давкова во излагањето, што се преточи во научниот труд „Глобализацијата, демократијата и македонскиот рамковен и уставен инженеринг“
Во заклучокот Сиљановска-Давкова предупреди уште пред 18 години: „Со Рамковниот договор и со уставните амандмани од 2001 година македонското мултиетничко општество се преобрази во двонационална држава. Очигледен е расцепот меѓу Македонците и Албанците во смисла на два етнички, религиозно и јазично одвоени сегмента, кои речиси никаде не се вкрстуваат освен во општествениот статус. Македонија мора да гради интегративен модел на демократија, наместо консоцијална, ако сака да не ја доживее судбината на Кипар и на Либан, или за да не се соочи со белгискиот синдром.“
(продолжува)