Пишува: М-р Свето Тоевски
Авторот на овие редови истапува пред најшироката општествено-политичка јавност во Македонија како самостоен научен истражувач во политичките науки со серија свои уставно-правни и политиколошки анализи, изнесувајќи строго научни факти и јазик на науката, без етнички конотации и далеку од политички ставови на која било партија во Македонија. Посебно се застапени ставови на истакнати европски и светски уставни, правни и политички експерти, но и и експерти од други научни дисциплини, како од Македонија така и од Европа и светот. Во првиот дел од оваа научна анализа за промените на македонскиот устав во 2001 година авторот донесува погледи на серија врвни европски исветски уставни, политички и други експерти, но и на македонски експерти во врска со главните промени во уставниот поредок на Македонија како национална држава на македонскиот народ – промени кои, според експертите, ги урнисаа и придобивките од АСНОМ.
Во својата научна статија „Дваесет години уставност на Република Македонија низ призма на споредбена анализа во регионите“ од 2011 година проф.д-р Христина Рунчева од Правниот факултет „Јустинијан Први“ од Скопје констатира дека со амандманот 4 се промени националниот карактер на македонската држава. „Граѓаните фигурираат во преамбулата на чело на текстот како конституенси (создавачи – л.заб.) ) на македонската држава, македонскиот народ се дефинира како етнос, а националните малцинства од националности се трансформираат во делови од народи.“ – посочи Рунчева.
Д-р Лиав Оргад, професор по споредбено уставно право и уставен идентитет во Универзитетот Рајхман, во Израел, и во меѓународниот Центар за општествени промени во Берлин, во Германија, директно го разгледува македонскиот случај во контекст на уставните преамбули и нивната улога во дефинирањето на националниот и политичкиот идентитет. Тој недвосмислено ја забележува промената од концептот на национална држава на македонскиот народ кон нова преамбула со поинаква формулација на државниот идентитет. За Уставот од 1991 година Оргад пишува: „Преамбулата на овој устав година ја воспостави Македонија како национална држава на македонскиот народ.“ Во врска со уставните измени од 2001 година тој посочува: „Македонските национални определби беа избришани. Бришењето на Македонија како национална држава предизвика незадоволство кај етничките Македонци.“ Овие констатации израелско-германскиот експерт ги изнесува во својот научен труд „Преамбулата во уставно толкување“, објавен во 2010 година во престижното научно списание „Меѓународен журнал за уставно право“.
Историчарката д-р Виолета Ачковска во својот научен труд „Државотворноста на македонскиот народ од АСНОМ до Рамковниот договор (1994-2001), објавен во 2004 година во „Социолошка ревија“ критички забележува дека „историските актери во 2001 година со еден потег ги негираа исгориските придобивки на АСНОМ, прифаќајќи промена на преамбулата на Уставот од 1991 година“. „Рамковниот договор историски претставува антитеза на АСНОМ. Во асномските документи ce инсистира на историскиот континуитет на борбата и историското право на Македонците за своја национална држава, при што малцинствата ќе ги уживаат сите демократски граѓански права. Во рамки на македонската држава тие имаа право на слободен национален живот и право на рамноправност како граѓани еднакви со државотворниот народ, кое всушност беше содржано во целокупното законодавство на Републиката.“
Ачковска дополнува во својот труд: „Тие историски актери, политичките водачи на македонскиот народ, му го одзедоа правото на национална држава и на она мало парче од етногеографскиот простор, на кое ja формира својата држава посде сите трагични делби и грабежи од соседите и физичкото и духовното уништување, кои ги доживеа во 20 век: балканските војни, Првата светска војна и Втората светска војна, етничките чистења, колонизации, асимилации итн. Експлицитно на македонскиот народ му го одзедоа правото да биде носител на државниот суверенитет и да биде рамноправен со другите балкански народи.“
Германско-австрискиот историчар Улф Брунбауер од Универзитетот во Регенсбург, во Германија, кој е специјалист за историјата на Југоисточна Европа, националниот идентитет и етничките односи, не ја разгледува само уставно-правната правната промена од 2001 година, туку и нејзиното влијание врз македонскиот национален идентитет. Тој ги наведува „незадоволствата и противењата на многу Македонци“ дека „со промената на преамбулата се губи државата, за чие меѓународно признавање и национално определување се бореле“.
„Преамбулата на Уставот од 1991 година го прогласуваше само македонскиот народ како конститутивен народ на новата држава, но гарантираше во исто време еднаков третман за ‘националностите’. Во новиот текст на преамбулата од 2001 година македонскиот народ е споменат, но веќе не се употребува формулацијата „национална држава на македонскиот народ“. Со тоа големи делови на македонското општество сметаа дека е под закана постоењето на македонскиот народ. Тие ја сметаа државата како единствен заштитник на нивниот оспоруван национален идентитет.“ – истакнува Улф Брунбауер во својот труд научен труд „Примената на Охридскиот договор: незадоволствата кај етничките Македонци“, објавен во 2002 година во „Журналот за етнополитика и прашања на малцинствата“.
(продолжува)
Авторот изнесува согледувања од сопствена уставно-политиколошка анализа, кои немаат никаква поврзаност со ниедна политичка партија во Република Македонија. Согледувањата на авторот не се став на редакцијата на „Експрес“).