Разузнавачките информации што Израел ги споделил со Грција и Македонија доведоа до пет апсења во случај поврзан со заговор насочен против израелски бизнисмен.
Во врска со случајот безбедносните претставници на Израел предупредуваат дека Техеран е сè порешителен во намерите да изврши напади врз израелски цели ширум светот, јавува израелскиот медиум Инет.
Разузнавачките податоци што Мосад им ги доставил на грчките и македонските власти помогнале да се спречи ирански заговор за атентат врз Израелец во Грција, што резултирало со апсење на петмина осомничени, изјавиле извори за „Ynet“.
Агенцијата за национална безбедност (АНБ) на Македонија претходно во соопшти дека, преку заедничка разузнавачка операција со Грција, бил откриен случај опишан како планиран терористички напад. Еден македонски државјанин бил уапсен во Грција минатиот четврток и екстрадиран во својата земја, додека четворица други осомничени биле уапсени истовремено во Скопје, главниот град на Македонија.
Израелските безбедносни претставници предупредуваат дека Иран е сè помотивиран да изврши напади врз израелски цели во странство.
Властите во Македонија официјално не ја открија целта на нападот, но грчкиот весник „Катимерини“, повикувајќи се на неименувани извори, објави дека осомничените планирале атентат врз висок израелски бизнисмен кој работи за компанија присутна во Грција. За време на операцијата, истражителите заплениле оружје, муниција, рачно напишани белешки и мапа.
Според АНБ, заговорот нбил насочуван од ирански државјанин идентификуван како Едрис Џахангири Маванех, за кого се наведува дека имал врски со поединци кои дејствуваат во име на иранските разузнавачки и безбедносни служби. Меѓу споменатите имиња е и Наџи Шарифи Зиндашти, трговец со дрога поврзан со иранските разузнавачки мрежи.
Од македонската агенција соопштија дека истрагата започнала во март и открила тајни средби на осомничените во неколку земји, вклучително и во Иран.
„Катимерини“ објави дека членови на осомничената ќелија патувале во Иран и во уште една земја од регионот на Заливот, каде што се сретнале со иранскиот оперативен агент за кој се верува дека ја раководел операцијата.
Израелски безбедносни претставници велат дека спречениот заговор одразува поширок пораст на иранските напори за напади врз Израелци во странство. Според нивните проценки, Техеран продолжува да ја смета својата конфронтација со Израел за нерешена и бара можности за одмазда преку напади надвор од Блискиот Исток.