Македонија е меѓу земјите со најниска употреба на безбедносни појаси во регионот, со само 40,1 процент од патниците во возилата кои ги користат. За споредба, лидер на Западен Балкан во овој поглед е Србија со 90,7 отсто, следува Албанија 75,8%, Босна и Херцеговина со 64,8%, Црна Гора со 59,6% и Косово со 53,8%.
Директорот на Постојаниот секретаријат на транспортната заедница, Талис Линкајтс, изјави дека студиската кампања за Западен Балкан ја испитува употребата на безбедносни појаси и детски седишта во сите шест земји-партнери на Западен Балкан. Податоците за Македонија покажуваат дека употребата на безбедносни појаси сè уште не станала рутина, особено кај патниците и луѓето што седат на задните седишта на возилото.
„Нашата соработка со Северна Македонија вклучува напредни технолошки системи за безбедност на патиштата, законодавство за безбедност на патиштата и регионална соработка за подобрување на податоците и реагирање во итни случаи. Ќе продолжиме да даваме насоки и експертиза за побрзо спроведување на приоритетите за безбедност на патиштата“, рече Линкајтс на официјалното започнување на регионалната кампања за Западен Балкан „Момент за живот“, организирана од Постојаниот секретаријат на Транспортната заедница, меѓународна организација која работи на интеграција на транспортните пазари на Западен Балкан со Европската Унија.