Возачите во иднина би можеле да плаќаат патарина според реално изминатата километража, наместо фиксна сума на наплатните станици. Новиот модел предвидува електронска наплата без физичко запирање на возилата.
Министерот за транспорт Александар Николоски најави дека се подготвува закон за воведување на системот, при што ќе биде користена и експертска помош од Европската транспортна заедница.
Според Николоски, ваквиот начин на наплата би бил поправеден, бидејќи висината на патарината би зависела од должината на делницата што ја поминува возачот. Како пример го посочи патувањето од Демир Капија до Гевгелија, за кое сега се плаќа иста сума како и за возачите што доаѓаат од Скопје, иако поминуваат значително пократко растојание.
Системот првично би се применувал на автопатот Кичево–Охрид, а потоа и на други автопатски делници што се во изградба, меѓу кои Прилеп–Битола, Букојчани–Гостивар, Гостивар–Тетово и Кичево–Букојчани.
Николоски очекува предлог-законот да биде претставен во текот на декември.