Во пресрет на Самитот, премиерот најави средби со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и високата претставничка за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас.
– Очекувам да се потврди она што досега е кажано – дека Западен Балкан е дел од Европа и дека процесот на интеграција многу скоро ќе стане реалност. Граѓаните од регионот долго време заслужуваат да бидат на европската маса – изјави Мицкоски.
Тој не се согласува со оценките дека Албанија и Црна Гора се пред Македонија во евроинтегративниот процес, посочувајќи дека земјата бележи резултати во спроведувањето на реформите.
– Не би се согласил дека одат пред нас. Нивниот пат во моментов личи на автобус што се ниша, додека ние испорачуваме реформи и сме вистински фронт-ранери кога станува збор за Реформската агенда – рече премиерот.
Мицкоски го оцени како значаен придонесот на Герт Јан Копман во процесот на спроведување на реформите, нагласувајќи дека Македонија ја цени неговата поддршка. Најави и нова работна видеосредба на која ќе биде разгледан напредокот во пресрет на декемврискиот или средината на јануари извештај.
Премиерот очекува средба со Копман во Брисел, при што нагласи дека Владата останува фокусирана на исполнувањето на реформските обврски.
Во однос на билатералните прашања, Мицкоски рече дека тие претставуваат пречка наследена од претходната влада, но дека актуелната Влада не прифаќа билатералните спорови да го блокираат патот на Македонија кон полноправно членство во Европската Унија.
Тој истакна дека земјата е подготвена за дијалог со ЕУ и со државите со кои има нерешени билатерални прашања, во секое време и на која било тема, но оцени дека од другата страна засега нема доволно интерес.
– Ние ќе продолжиме да го испорачуваме она што е наша домашна задача – порача Мицкоски при посетата на Општина Бутел.