Постепената интеграција на земјите кандидати во стратешките сектори на Европската Унија, особено во енергетиката, може да ја зајакне економската и геополитичката отпорност на Европа, а енергетската интеграција веќе покажува конкретни резултати, оценува Секретаријатот на Енергетската заедница (ЕЗ). Во анализата „Интеграцијата пред проширувањето ја зајакнува енергетската безбедност на ЕУ“, Секретаријатот посочува дека постепеното вклучување на земјите кандидати во енергетските, транспортните, дигиталните и другите стратешки области, пред формалното членство во Унијата, ќе придонесе за поголема стабилност во услови на глобална неизвесност.
Енергетската заедница ја поздравува рамката што Европската комисија ја претстави во годишниот пакет за проширување на почетокот на ноември, оценувајќи дека енергетиката може да послужи како модел за интеграција и во други сектори. Претходните енергетски кризи нè научија дека енергетската безбедност не завршува на границите на ЕУ, наведува Секретаријатот, кој работи со Европската комисија на постепено интегрирање на соседните земји во пазарите на електрична енергија, обновливи извори и гас.
Според проценките на Агенцијата на ЕУ за соработка на енергетските регулатори (ACER), интеграцијата на пазарите на електрична енергија на ЕУ и на Енергетската заедница може да донесе годишни придобивки од околу 763 милиони евра. Процесот се одвива во три фази – усогласување на законодавството на договорните страни со правилата на ЕУ, проверка на усогласеноста од страна на Секретаријатот и Европската комисија, а потоа 18-месечна фаза за договорна и оперативна подготвеност за спојување на пазарите. Oд деветте договорни страни на Енергетската заедница, Србија, Молдавија, Црна Гора и Македонија се во различни фази на проверка на усогласеноста. Според Секретаријатот, 2027 година е можен рок за тие да добијат зелено светло за целосна интеграција во единствениот пазар на ЕУ. Целосната интеграција ќе овозможи поголемо производство на енергија во Европа и ќе ја намали зависноста од надворешни шокови што можат да го загрозат пристапот до сигурни и достапни енергетски извори.
Според проценките на Меѓународната агенција за обновлива енергија (IRENA), Западен Балкан реално може до 2030 година да изгради повеќе од 13 гигавати економски исплатливи капацитети за производство на електрична енергија од ветер и сонце. Во анализата се посочува дека интегрираните пазари со ЕУ се најдобро позиционирани да го искористат овој потенцијал, овозможувајќи поконкурентни цени за потрошувачите и поголема регулаторна сигурност за инвеститорите. Напредок има и во областа на обновливите извори. Со поддршка на Секретаријатот, речиси сите договорни страни имаат функционални електронски регистри за гаранции за потекло, односно сертификати што потврдуваат дека електричната енергија е произведена од обновливи извори.
Секретаријатот и Европската комисија подготвиле рамка за меѓусебно признавање на гаранциите за потекло, која се очекува да биде усвоена од Министерскиот совет на Енергетската заедница на 30 ноември. По исполнувањето на потребните услови, производителите на обновлива енергија од земјите кандидати ќе можат да пристапат до пазарите и финансирањето во ЕУ под еднакви услови. Во делот на гасот, интеграцијата добива дополнително значење во услови на постепено напуштање на зависноста од руските фосилни горива. Од август 2026 година, земјите членки на ЕУ се обврзани да ги применуваат заедничките технички правила за интеграција на пазарите на гас на границите со договорните страни на Енергетската заедница.
Енергетската заедница усвои слична обврзувачка одредба, а Македонија, Молдавија и Србија во текот на годинава работеле на усогласување на законодавството со правилата на ЕУ и нивна практична примена. Дополнително, Македонија и Србија во септември се приклучија на Вертикалниот гасен коридор. Се очекува до 2028 година да биде воспоставена гасна рута од Грција, преку Македонија, до Србија. Секретаријатот оценува дека напредокот во интеграцијата на електричната енергија, обновливите извори и гасот покажува дека енергетската безбедност на Европа е заедничка одговорност, а интеграцијата на земјите кандидати ги поставува темелите за долгорочна европска стабилност и просперитет.