Долг од 30.000 денари за три и пол години пораснал на 115.000 денари, речиси четирипати повеќе од позајмената сума. Овој случај е опишан во една од десетината претставки што од почетокот на годината пристигнале до Народниот правобранител од граѓани незадоволни од финансиските друштва за брзи кредити.
Случајот го објави Телевизија 24. Тој излегува во јавноста во време кога државата засилено ги контролира финансиските друштва, а илјадници граѓани треба да добијат назад пари незаконски наплатени за опомени и други надоместоци.
Неправилности кај две третини од друштвата
Во изминатите три месеци Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) спроведе вонредни надзори кај сите 27 финансиски друштва што имаат лиценца од Министерството за финансии за потрошувачки кредити на физички лица.
Контролите го опфатија периодот од 2023 до 2025 година, а неправилности се откриени кај 18 друштва.
Инспекторите утврдиле нечесни трговски практики и нечесни одредби во договорите. Изречени се инспекциски мерки и прекршочни платни налози вкупно над 3,5 милиони денари.
Кај две друштва се откриени и неправилности во сметководството, за што е известено Министерството за финансии.
Еден од најголемите проблеми била наплатата на опомени и паушални надоместоци за доцнење.
Според директорот на ДПИ, Влатко Стојкоски, со решенија друштвата се задолжени да им вратат на потрошувачите над 140 милиони денари. Роковите се 30, 60 или 90 дена, зависно од тоа колку потрошувачи се засегнати во секое друштво.
Пари назад за над 26.000 граѓани
Парите, околу 2,3 милиони евра, треба да ги добијат повеќе од 26.000 граѓани од целата држава. Во просек тоа е околу 5.400 денари по лице, но секој ќе добие различен износ, зависно од тоа колку незаконски надоместоци платил.
Враќањето се однесува само на опомените и на паушалните надоместоци за доцнење, а не на целиот кредит, ниту на сите камати и трошоци.
Министерството за финансии, во посебна постапка, по пријави од граѓани изврши вонреден надзор во две финансиски друштва.
Нив ги казни парично и привремено им забрани да одобруваат кредити 30 дена. Министерството не ги објави ниту имињата на друштвата ниту какви неправилности утврдило.
Нов закон, стари проблеми
Брзите кредити не се нова тема за Народниот правобранител. Во Годишниот извештај за 2024 година институцијата наведува дека граѓаните продолжиле да се жалат и по измените на Законот за финансиските друштва од 2023 година.
Жалбите се однесуваат на условите за добивање кредит и на исклучително високите камати, провизии и други надоместоци.
Правобранителот бара посилен надзор од Министерството за финансии и отвора прашање дали дел од надлежностите треба да ги преземе Народната банка.
Во меѓувреме пазарот расте. Според податоци од Министерството за финансии, објавени во истражување на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), заклучно со јуни 2026 година небанкарските финансиски друштва имале 263.423 активни кредити во вкупна вредност од 237 милиони евра.
На крајот на 2025 година долгот изнесувал 189 милиони евра.
Се влошува и квалитетот на кредитите. Уделот на потенцијално ненаплатливи кредити пораснал од 5,9 на 7 отсто, додека кај банките изнесува околу 2,4 отсто.
Се поставува прашање и за начинот на наплата. Граѓани за ИРЛ сведочат за посети на домовите, притисоци врз членовите на семејствата и закани од лица што наплатуваат долгови.
Од МВР информирале дека од почетокот на 2025 година до моментот на одговорот биле пријавени 14 случаи на вознемирување, заплашување, закани и други злоупотреби при наплата на долгови.
Каде да се пријави
Граѓаните што сметаат дека финансиско друштво им наплатило незаконски трошоци или не го почитувало договорот можат да се обратат до Министерството за финансии, кое врши надзор над овие друштва.
Пријава може да се испрати на prijavafd@finance.gov.mk, по пошта или преку архивата на Министерството.
За прашања од заштитата на потрошувачите, измамнички реклами и нечесни трговски практики надлежен е Државниот пазарен инспекторат.
Помош нуди и Организацијата на потрошувачите на Македонија преку својата онлајн-алатка за пријавување проблеми.
Пред да потпишат договор за брз кредит, граѓаните треба да проверат колку вкупно ќе вратат, со каматите, провизиите и сите дополнителни трошоци, а не да гледаат само на месечната рата.
Само вкупниот износ покажува колку навистина чини позајмувањето.