
Она што Обединетите нации се за светот, Европската унија е за Европа – мултилатерален проект со една врвна цел – мир на континентот. Тоа го постигнува преку проширувањето врз основа на Kопенхагенските критериуми – демократија, владеење на правото, човекови права и слободи, и пазарна економија, истакна претседателката Гордана Сиљановска Давкова, обраќајќи се на Годишниот самит на Конкордија.
Претседателката на Македонија рече дека ЕУ, како регионално, европско олицетворение на мултилатерализмот, има обврска непристрасно и конзистентно да го брани мултилатерализмот, јави МИА.
„Европската унија не може да го брани мултилатерализмот во светот ако го изневерува на својот континент. Проширувањето не е техничко прашање, туку тест за тоа дали ЕУ ќе го одбере патот на concordia или discordia, дали ќе биде Унија на правила и стандарди, или Унија на двојни стандарди и контрадикции, кажа претседателката.
Таа истакна дека ако регионот на Западен Балкан сака да биде дел од ЕУ мора да се поддржува меѓу себе.
„ Ако регионот сака да биде дел од ЕУ, мора да се поддржуваме и да се разбираме еден со друг. Како можеме да очекуваме да бидеме разбрани од ЕУ, ако не се разбираме меѓу себе.
Треба да се разбираме и поддржуваме, онака како што Шведска, Данска и Норвешка го правеа за балтичките земји. Тие апсолутно ја поддржуваа нивната евроинтеграција и резултатот е очигледен. Но, за разлика од нив нашите соседи често користат вето, а за членство е потребен консензус и ако една земја не се согласува, не можете да станете членка на ЕУ“, рече Сиљановска Давкова.
Според неа, крајно време е да се направат промени во ЕУ за начинот на одлучување, а тоа, како што посочи, неодамна го кажа и претседателката на ЕК Урсула Фон дер Лајен. Но, како што подвлече, и за тоа е потребен консензус во ЕУ.
„ Тоа создава проблем. Ние можеме да направиме се што е потребно во економијата, реформите, … но сепак, нашите преговори зависат од нашите соседи“, рече претседателката.
Уште еднаш порача дека во нашиот регион треба да се поддржуваме меѓусебно.
„ Сите имаме одговорност во регионот. Мислам дека билатерализацијата е загрозувачи инструмент за евроинтеграцијата. Тоа што и се случува на Македонија во иднина може да и си случи на друга земја кандидат. Проблемот на проширувањето не е само поголема ЕУ, туку има и безбедносен аспект. Во контекст на актуелниот опасен геополитички момент, би било добро што побрзо да станеме членка на ЕУ. Сега е моментот што треба да се искористи, не само од земјите од Западен Балкан, туку и од ЕУ. Сега е последен момент да бидеме разбрани“, порача Сиљановска Давкова.
Според агендата за работната посета на САД, претседателката денеска треба да има обраќање и на Светскиот лидерски форум на Универзитетот Колумбија во Њујорк, по што ќе присуствува на приемот што го приредува американскиот претседател Доналд Трамп.