Свет

Администрацијата на Трамп и се заканила на Украина со прекин на разузнавачката соработка

Нема официјална потврда од Вашингтон

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп наводно им се заканила на високи украински воени и владини претставници со прекин на разузнавачката соработка и програмата за набавка на оружје, доколку Киев ги нападне руските рафинерии за време на најавеното енергетско примирје.

Информацијата ја објави украинскиот медиум „Киев Индипендент“, повикувајќи се на двајца украински претставници.

Според нив, американските претставници јасно ставиле до знаење дека Вашингтон ќе го смета Киев за одговорен ако руската енергетска инфраструктура биде погодена во периодот на прекинот на огнот.

„Тие им се јавија на сите високи воени функционери, упатувајќи закани. На сите им велат дека ќе ја прекинат и размената на разузнавачки податоци и програмата ПУРЛ“, изјавил еден од украинските претставници за „Киев Индипендент“.

Повици од американската страна добиле и Павло Палиса, заменик-шеф на кабинетот на претседателот задолжен за воени прашања, како и високиот воен командант Михаил Драпати.

Притисокот дошол откако Трамп најавил договор за увоз на руски дизел, а потоа и едностран „енергетски прекин на огнот“ меѓу Русија и Украина. Според повеќе високи украински извори, Киев не бил однапред информиран за најавата од 11 октомври.

По објавата, украинските претставници наводно биле повикани да ги почитуваат условите и да се воздржат од напади врз руските рафинерии. Во исто време Русија продолжила со удари врз украинската енергетска инфраструктура – термоелектрана во Харков била погодена само неколку часа по најавата на Трамп.

Програмата ПУРЛ е европска иницијатива преку која на Украина ѝ се обезбедува американско оружје, финансирано главно од членките на НАТО. Во првата година биле испорачани оружје и опрема во вредност од 6,7 милијарди долари. Иако директната американска воена помош е суспендирана од почетокот на мандатот на Трамп, размената на разузнавачки информации продолжила.

Претседателот Володимир Зеленски изјави дека Киев е подготвен да прифати заемно запирање на нападите врз енергетската инфраструктура, но побара да бидат разјаснети условите. Според него, примирјето мора да ја опфати целата енергетска инфраструктура, а не само нафтените рафинерии.

„Веднаш по објавата на Трамп за прекин на огнот, Русија изврши насочен напад врз електрана во Харков, предизвикувајќи дополнителна штета на нашиот енергетски систем“, рече Зеленски на Варшавскиот безбедносен форум.

Тој посочи дека Украина има само една рафинерија, која одамна е тешко оштетена од руските напади, поради што земјата зависи од увоз на нафтени деривати. Зеленски повтори дека Украина ќе го почитува прекинот доколку и Русија го стори истото. Како пример наведе дека претходната ноќ не биле нападнати руски рафинерии, но дека руски дрон „Шахед“ погодил гасна постројка во Украина.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, одби да ги коментира деталите за најавеното примирје, но изјави дека Русија е подготвена да направи сè што е можно за постигнување долгорочен мир.

Засега наводните закани од американската администрација се пренесени само преку изјавите на украинските претставници. Официјална потврда од Вашингтон за овие тврдења нема.

Најнови вести од: Свет

To top