Свет

ЕУ повторно воведе санкции кон Иран поради нуклеарната програма

Советот на ЕУ денеска одлучи повторно да воведе рестриктивни мерки кон Иран поради неговите нуклеарни активности

freepik.com

Советот на ЕУ денеска одлучи повторно да воведе рестриктивни мерки кон Иран поради неговите нуклеарни активности, кои беа укинати во 2015 година по стапувањето во сила на Заедничкиот акциски план, познат како нуклеарен договор со Иран. Одлуката следува откако Велика Британија, Германија и Франција го активираа механизмот за враќање на санкциите, предвиден во договорот, поради проценката дека Иран „значително не ги исполнува“ своите обврски, што беше објавено на 28 август 2025 година.

Санкциите вклучуваат забрана за патување во ЕУ за лица поврзани со иранската нуклеарна програма, замрзнување на средствата на физички и правни лица, како и забрана за ставање на располагање економски ресурси. Дополнително, се забранува извоз на оружје, материјали, добра и технологии што можат да се користат за збогатување на нуклеарни горива или за балистички ракети. Увозот на нафта, природен гас, петрохемиски и нафтени деривати, како и опрема за енергетскиот сектор, поморски уреди, одреден софтвер, злато, благородни метали и дијаманти, исто така е забранет.

Средствата на Централната банка на Иран и на главните ирански комерцијални банки во ЕУ се замрзнати, а на иранските транспортни авиони им е забранет пристап до аеродромите во ЕУ, вклучително и нивно одржување. Исто така, бродовите што превезуваат санкционирани материјали нема да се сервисираат.

Нуклеарниот договор од 14 јули 2015 година, потпишан меѓу Иран и петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН (Велика Британија, Кина, Русија, САД, Франција) плус Германија, предвидуваше мерки за осигурување дека иранската нуклеарна програма е исклучиво за цивилни цели. Во октомври 2015 година, Советот за безбедност на ОН со резолуција ги укина санкциите, но договорот дозволува нивно повторно воведување во случај на неисполнување на обврските од страна на Иран. Откако Советот за безбедност на ОН не усвои нова резолуција за спречување на санкциите, тие повторно стапија во сила.

Најнови вести од: Свет

„Политико“: ЕУ ги менува правилата за проширување, за да не биде блокирана, а угледот на Урсула Лаен е на коцка!

„Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен се подготвува за борба со главните градови на ЕУ околу плановите за прием на нови членки. Taa има само неколку седмици да ги убеди дека може да се справува со опасностите од проширување на евроблокот. Угледот на Урсула фон дер Лаен е на коцка.“ – пишува денешното утринско издание „Плејбук“ на бриселскиот аналитички портал за европски прашања „Политико“ во својата статија со наслов „Операција за одблокирање“.

Тајландски функционер убиен во неговата канцеларија од поранешен пратеник

Вооружен човек уби тајландски функционер во канцеларија на локалната самоуправа на периферијата на главниот град Бангкок во понеделникот, соопштија властите, неколку дена откако пукањето во училиште во истата покраина повторно ја разгоре дебатата за контрола на оружјето.

Дали британскиот премиер ќе поддржи создавање „Европска конфедерација“ што би ја вклучила и Македонија?!

Британскиот премиер Енди Бернам доби предлог од поранешен член на Конзервативната партија во оваа земја, за создавање „Европска конфедерација“ во која би била вклучена и Македонија.

To top